Македонија
18. July 2016 - 16:42

Србија испраќа засилување на границите со Бугарија и Македонија, Европа не знае што да прави

Србија распоредува мешовити патроли на српската полиција и војска на границата со Македонија и Бугарија. Владата одлучи преку овие сили да го спречат влезот на илегалните мигранти. Србија е разочарана од одлуката на властите во Софија да ги остават речиси целосно отворени границите и да им овозможат на мигрантите од блискиот исток слободен транзит низ земјата, додека соседите на север целосно ги затворија границите.

Српскиот министер за внатрешни работи најавува дека прашање на денови е кога овие сили ќе започнат со работа, а задолжен за нивната работа ќе биде генерал на српската војска кој веќе започнал со подготовка на тимовите. Стефановиќ најавува силна борба и со криумчарите на мигранти.

Викендов заседаваше групата за процена на безбедносната состојба во Македонија која донесе одлука за зајакнување на граничното обезбедување.

- Беше оценето  во наредниот период да се зајакне граничното обезбедување и контрола со дополнителни воени и полициски сили, со цел спречување на илегална миграција и криумчарење со мигранти, информираа од ЦУК.

Одлуката за тоа колкав ќе биде бројот на припадници на МВР и АРМ кои дополнително ќе треба да заминат на јужната и северната граница ќе одлучат овие институции поединечно. Од АРМ велат дека функционираат согласно разработените оперативни планови и делуваат во согласност со состојбата на терен.

Од кабинетот на Иванов информираат дека од денот на прогласување на кризна состојба до денес редовно и вонредно превземаат мерки и активности за заштита на границата, намалување на ризиците од заканата на илегална миграција и спречување на активностите на организираните криумчарски мрежи.

-  Во подрачјата зафатени со криза на северната и јужната граница функционираат здружени штабови на Армијата во чиј состав се преставници на Полициските сили, Безбедносните служби, Разузнавањето и Регионалните Центри за управување со кризи. Претставниците на странските полициски сили во заеднички тимови со граничната полиција патролираат долж граничното подрачје и учествуваат во активности за спречување на криумчарите и обидите за префрлување на мигранти на територија на Македонија, информираат од кабинетот на претседателот на државата.