Средба Муцунски - Кос во Брисел, се бара достоинствено решение на спорот со Бугарија
Предвидливо и достоинствено решение на спорот со Бугарија кое ќе обезбеди гаранции за Македонија. Ова било во фокусот на средбата Муцунски-Кос во Брисел, но министерот за надворешни сепак вели дека детали во јавноста нема да се откриваат додека не добијат конкретен предлог, за да не наруши процесот.
Според Муцунски очигледно е задоволството во Брисел од динамиката во која земјава ги спроведува своите задачи од реформската агенда.
Јасен и предвидлив процес заснован на заслуги Муцунски утрово побара и на средбата со претставниците на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија.
Посетата на Муцунски е во период кога бугарските европратеници во Брисел преку 100тина амандмани на извештајот на Вајц се обидуваат да ја прошират листата на барања со кои ќе се оценува напредокот на Македонија во евроинтеграциите.
Премиерот Мицкоски вели дека за ваквите потези на Софија пред извесен период го предупредил и Вајц, но ќе се воздржи од коментари за да не им даде алиби на бугарските политичари кои сакаат оваа тема да ја вовлечат во предизборната кампања.
- Целта е да бидеме вовлечени во предизборната камапања и затоа ве замолувам да не им даваме алиби на политичари кај нашиот источен сосед кои припаѓаат на минатиот век а не гледаат кон иднината. Ние како влада се бориме, разговараме со нашите пријатели и така ќе продолжиме, вели Мицкоски.
Преку 100тина амандмани бугарските европратеници минатата недела побараа договорот со Бугарија и неговите протоколи, да останат клучен услов за напредок во процесот на пристапување,а историската комисија помеѓу двете држави да постигне јасни и мерливи резултати.
По ваквите барања, амандман на својот извештај поднесе и известувачот Вајц со кој побара правната служба на Европскиот совет да разјасни дали вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија е дел од преговарачката рамка за Македонија. Ова навестува жестока дебата на пленарната седница на Европскиот Парламент кон крајот на мај на која треба да се усвои извештајот за напредокот на Македонија.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
