Средба на министрите за одбрана на ЕУ посветена на поддршката на Украина и европската одбранбена подготвеност

Воената поддршка на Европската Унија за Украина и одбранбената подготвеност на Европа ќе бидат главни теми на денешното заседание во Брисел на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана на земјите членки на блокот.
Со средбата ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, а на неа ќе присуствува и заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.
Според најавата, состанокот ќе започне со дискусија за воената поддршка на ЕУ за Украина, во чии рамки европските министри за одбрана ќе имаат неформална размена на мислења со нивниот украински колега Денис Шмихал за најновите случувања на теренот и тековните дипломатски преговори за ставање крај на војната.
По ова се очекува министрите да разговараат за опциите за финансирање на воена поддршка за Украина, подобрување на соработката во сферата на одбранбената индустрија и напорите за спротивставување на руската „флота во сенка“.
Дополнително, Калас ќе ги информира министрите за тековните активности околу придонесот на ЕУ кон безбедносните гаранции за Украина.
Во продолжение министрите ќе разговараат за одбранбената подготвеност на Европа во контекст на спроведувањето на заклучоците од октомврискиот Самит на ЕУ и на серијата неодамна започнати иницијативи поврзани со одбраната.
Се очекува посебен фокус во разговорите да се стави на имплементацијата на Патоказот за одбранбена подготвеност 2030, презентиран на 16 октомври и на следните задачи поврзани со зајакнување на капацитетите и конкретните безбедносни проекти, меѓу кои и Безбедносната акција за Европа (САФЕ), Регулативата за воена мобилност, позната како „Воен Шенген“, како и Патоказот за трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ.
Во рамки на заседанието на Советот министрите ќе се осврнат и на актуелни настани поврзани со надворешните односи.
Пред почетокот на Советот за надворешни работи, Калас ќе биде домаќин на состанок со Управниот одбор на Европската агенција за одбрана (ЕДА).
На состанокот ќе се разговара за Буџетот на ЕДА за 2026 година, за Планот за организирање на персоналот на Агенцијата и за тригодишната рамка за планирање.
Се очекува министрите да дадат и дополнителни насоки за зајакнување на ЕДА во согласност со заклучоците на октомврискиот Самит на ЕУ, по што ќе им бидат презентирани среднорочните и долгорочни предлози за проекти за соработка.
МИА
Ново на Сител
-

Евроамбасадорот Рокас ќе му го врачи извештајот на Европската комисија на премиерот Мицкоски
-

Најтопло утро во Гевгелија, најстудено на Попова Шапка
-

Макрон: Средбите со европските лидери се депресивни, ми недостига Меркел
-

На атинскиот аеродром пратка „облека“ од Тајланд криела 207 килограми марихуана вредна милион евра
-

Голема полициска акција во Куманово: Се разбива криминална група осомничена за изнуда, лихварство и перење пари
-

Трамп по изборниот пораз со необична тема: Ја фали балската сала покрај Белата куќа
-

10 полицајци приведени во Србија за брутално насилство врз демонстранти
-

Облачно со локален дожд
