Средба на министрите за одбрана на ЕУ посветена на поддршката на Украина и европската одбранбена подготвеност

Воената поддршка на Европската Унија за Украина и одбранбената подготвеност на Европа ќе бидат главни теми на денешното заседание во Брисел на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана на земјите членки на блокот.
Со средбата ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, а на неа ќе присуствува и заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.
Според најавата, состанокот ќе започне со дискусија за воената поддршка на ЕУ за Украина, во чии рамки европските министри за одбрана ќе имаат неформална размена на мислења со нивниот украински колега Денис Шмихал за најновите случувања на теренот и тековните дипломатски преговори за ставање крај на војната.
По ова се очекува министрите да разговараат за опциите за финансирање на воена поддршка за Украина, подобрување на соработката во сферата на одбранбената индустрија и напорите за спротивставување на руската „флота во сенка“.
Дополнително, Калас ќе ги информира министрите за тековните активности околу придонесот на ЕУ кон безбедносните гаранции за Украина.
Во продолжение министрите ќе разговараат за одбранбената подготвеност на Европа во контекст на спроведувањето на заклучоците од октомврискиот Самит на ЕУ и на серијата неодамна започнати иницијативи поврзани со одбраната.
Се очекува посебен фокус во разговорите да се стави на имплементацијата на Патоказот за одбранбена подготвеност 2030, презентиран на 16 октомври и на следните задачи поврзани со зајакнување на капацитетите и конкретните безбедносни проекти, меѓу кои и Безбедносната акција за Европа (САФЕ), Регулативата за воена мобилност, позната како „Воен Шенген“, како и Патоказот за трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ.
Во рамки на заседанието на Советот министрите ќе се осврнат и на актуелни настани поврзани со надворешните односи.
Пред почетокот на Советот за надворешни работи, Калас ќе биде домаќин на состанок со Управниот одбор на Европската агенција за одбрана (ЕДА).
На состанокот ќе се разговара за Буџетот на ЕДА за 2026 година, за Планот за организирање на персоналот на Агенцијата и за тригодишната рамка за планирање.
Се очекува министрите да дадат и дополнителни насоки за зајакнување на ЕДА во согласност со заклучоците на октомврискиот Самит на ЕУ, по што ќе им бидат презентирани среднорочните и долгорочни предлози за проекти за соработка.
МИА
Ново на Сител
-

Јаневска: Врсничкото насилство бара заедничка одговорност, родителите мора повеќе да се вклучат
-

Италија планира да ги казнува возачите кои возат пребавно во левата лента
-

Притвор и мерки за претпазливост за осомничените за перење пари и изнуда во Куманово
-

36-годишник уценувал девојка со интимни фотографии, барал пари и сексуални услуги
-

16-годишна прилепчанка пријавила дека била претепана од партнерот и неговиот татко
-

ЕУ предупредува: Алгоритмот на ТикТок ги изложува корисниците на содржини штетни за менталното здравје
-

Кумановец нападнал полицаец при обид да биде приведен
-

Мицкоски: Историски најголема разлика помеѓу извозот и увозот
