Станков: Кај 33 жртви од „Пулс“ пронајден цијанид – но не е причина за смртта

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, во судницата во „Идризово“ изјави, дека кај 33 жртви се пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 имало присуство на алкохол, кај осум дрога и кај четири имало седативи и антидепресиви, но дека главна причина за смрт кај починатите лица врз основа на обдукционите наоди и токсиколошките анализи кај 59 починати лица на 16 март 2025 година се насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи.
Кај останатите четири лица кои починаа како причини за смрт се изгорениците и оштетување на белите дробови.
-Јаглероден моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу брзо и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смрт е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и останатите дополнителни фактори. Доминантна причина е јаглероден моноксид, а потпомогнале и синергистички делувале топлиот воздух, чадот и вдишување на цијанид кои само го потпомогнале дејството на настапување на смртта-изјави Станков.
Водородниот цијанид, посочи Станков, само потпомогал, но труење со јаглероден моноксид е главен причинител на смрт. Доколку водородниот цијанид бил главен причинител тогаш и бројките, како што рече Станков, би биле многу поголеми.
Станков, на прашање од Обвинителството, на почетокот објасни дека Институтот за судска медицина бил вклучен на два начини - со наредби на Обвинителството биле извршени обдукции на жртвите со цел идентификација и утврдување причини за смрт, додека кај повредените во пожарот за утврдување на причините на повредите и нивна правна квалификација.
- Причината за смрт кај секоја од жртвите беше утврдена врз основа на надворешниот и внатрешниот наод од обдукциите, како и резултатите од токсиколошките испитувања - рече сведокот.
Во писмените извештаи за извршените обдукции, Станков посочи, дека се содржани дел од токсиколошки наоди - јаглероден моноксид и алкохол, додека во пасусот каде биле наведените резултатите ставен е дел дека сите други резултатите ќе бидат дополнително доставени.
Причина за тоа, нагласи Станков, е што одредени токсиколошки анализи бараат подолг временски период за испитување, како и огромниот број примероци.
- Во однос на водородниот цијанид потребна е прецизна метода заради што на Институтот се инсталираше нов апарат и после неговата инсталација и проверка за исправноста беа направени тие анализи. Мора да напоменам дека токсиколошки анализи се работеа во континуитет и сите беа извршени врз основа на наредбите за обдукција на починатите - изјави Станков.
Резултатите за присуствува на јаглероден моноксид, Станков рече дека се напишани и ги има во извештаите за извршените обдукции.
-Кај седум лица е утврдена до 10%, кај 17 до 20 проценти, кај 17 до 30 проценти, кај 14 до 40% и кај четири лица над 40% концентрација на карбокси хемоглобин во крвта - рече Станков.
Јаглероден моноксид е безбоен гас и без мирис и се создава при нецелосни согорување и е еден од водечките причини за смрт, својата токсичност ја искажува со тоа што се врзува со хемохлобинот во крвта и има до 200 пати поголема врска од кислородот, со што оневозможува транспорт на кислород до органите. Тој се врзува и со миоглобинот во мускулите со што предизвикува слабост во мускули и отежнато движење.
-Основна симтоматологија при труење се главоболка, вртоглавица, повраќање и смрт. Кај пожари, особено во затворен простор, никогаш не треба да се гледа како изолиран. Тој е доминантен, но има и други штетни фактори кои го потпомагааат неговото дејствие. Освен јаглероден моноксид при пожари во затворен простор се создаваат и други токсични гасови. Поради согорувањето просторијата се полни со чад кој при вдишување ги затнува дишните патишта, како и жешкиот воздух при вдишувањето. Затоа не треба да се гледа и споредува со одредени таблици дека од 50 до 70% концентрација треба да има за да настапи смрт. Тоа е комплексно - изјави Станков.
Разлика меѓу труење и задушување со јаглероден моноксид не постои, затоа што задушувањето може да биде различно.
-Кај јаглероден моноксид задушување е од хемиска реакција и нема никаква разлика. Задушувањето е на клеточно ниво, бидејќи јаглероден моноксид не дозволува транспорт на кислород до ткивата -рече Станков.
Токсиколошките анализи, нагласи Станков, покажале дека водороден цијанид не е содржан во крвта кај 26 лица.
- Цијаниди во крвта се пронајдени кај 11 лица до 0,6 микрограми на милилитар, кај пет до 1 микрограми на милилитар, кај девет лица до 2 микрограми, кај четири лица до 3 микрограми на милилитар и кај четири лица до 5,25 микрограми на милилитар - изјави Станков.
Водородниот цијанид е безбоен гас и се создава при пожари и при согорување на полиутерани. Еден од најтоксичните гасови, кој исто делува на клеточно ниво и го оневозможува клеточно дишење. При негови високи концентрации во воздухот додека се дише смртта настапува многу брзо и до една минута.
Концентрацијата на цијанид во крвта никогаш не треба да се гледаат изолирано кога се работи за вака комплексен случај. Концентрација меѓу 2 и 3 микрограми на милилитар прави тешки компликации, а над 5,5 се смета дека се смртоносни. До ова е дојдено искуствено, бидејќи има и најдени повисоки концентрации што не се смртоносни.
За резултатите добиени при анализи на етил алкохол во крвта кај починатите, сведокот рече дека кај 10 немало алкохол во крвта, кај 12 до 0,5 грам промили, од кои пет малолетни. Кај 15 до 1 грам промил. Кај 11 до 1,5 грам промили, кај девет до 2 грам промили и кај две лица над 2 грам промили, односно 2,05 и 2,29.
Освен овие, Станков рече дека направени се испитувања и за присуство на лекови и дроги.
Кај едно лице се најдени седативи и аналгин, кај едно само седативи и кај двајца антидепресиви, кои не може да се купат без рецепта. Психоактивни дроги се пронајдени и тоа кај шест лица кокаин, кај едно лице кокаин и амфетамин и кај едно лице канабис.
Труење со јаглероден моноксид има специфични и неспецифични индикации. Надворешно тоа е светло црвени дамки,
крварење под кожа, многукрвност под коњуктовите. Во внатрешните наоди течна и светла крв, розово пребројување на внатрешни органи и скелетна мускулатура.
Цијановодородот, според вештакот, дава слична но не иста слика. Има Светло црвени дамки, но тука имаме црвенило, односно розеникаво пребројување на органите, но немаме црвеникаво пребројување на мускулите. Тоа е клучно.
- Кај сите кај што е дадена причина насилно труење со јаглероден моноксид имаше карактеристична слика за труење со јаглероден моноксид, дури и кај останатите немаше типична слика за водородно труење - рече Станков.
Компресивна асфикција, сведокот рече има најчесто при стампеда кога најчесто се јавува притисок на стомак и граден кош, или комбинирано на притисок на стомак, граден кош и врат.
Амбиентална асфикција означува задушување заради намалување на нормален процент на кислород во воздухот.
Изгореници на дишните патишта, сведокот рече, дека претставуваат значаен фактор за настапување на смрт на лица при пожар во затворен проатор. Воздухот во тие простори се загрева на многу висока температура и доаѓа до изгореници на слузницата на носот, гркланот и дишните патишта.
Врз основа на обдукцијата и она што делувало на починатите како топол воздух и гареж од чад, давањето кислородна поддршка, според вештакот, не би дала резултат, со оглед дека повеќето се донесени во болница починати.
Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување на медицинска помош по пожарот во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

Македонските кикбоксери блеснаа во Вараждин: 15 медали на ВАКО Европскиот куп и 4 медали на купот за почетници
-

Пожар во индустриска зона во ОАЕ по напад со дрон од иранско производство
-

Сиљановска-Давкова на панел со Макрон и Мелони: Европската интеграција на Западен Балкан е предуслов за ефикасна борба против трговијата со дрога
-

Муцунски: Во тек разговори со земји членки на ЕУ за летните гранични метежи
-

Владата ја почна кампањата „Мај - месец на Европа“ во соработка со европските партнери
-

Јаневска: Испративме допис до училиштата на големите и малите одмори да има дежурен наставник
-

Станков: Кај 33 жртви од „Пулс“ пронајден цијанид – но не е причина за смртта
-

Чупиќ: Во оваа сала е многу тешко да се игра, сите не почитуваат
