Стејт департмент: Водењето бизнис во Северна Македонија е генерално лесно, главен предизвик е корупцијата

Водењето бизнис во Северна Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера во согласност со меѓународните стандарди, иако корупцијата е постојан предизвик.
Големите странски компании што работат во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) генерално пријавуваат позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри односи со владини претставници, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.
Во извештајот се вели и дека земјата, која е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, продолжува да биде отворена за американски комерцијални инвестиции.
-Сепак, целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција. Владата генерално ги спроведува законите, но има бројни извештаи дека некои службеници сè уште се вклучени во коруптивни активности. Транспаренси Интернешнл ја рангираше Северна Македонија на 88-мо место од 180 земји во својот Индекс на перцепција на корупцијата во 2024 година, со резултат од 40 од 100. Освен неколку најави дека Владата работи на промовирање нови инвестиции, во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, фокусирајќи се наместо тоа на подобрувања на енергетската ефикасност, финансиска помош за ранливите домаќинства и ублажување на инфлаторните притисоци. Сепак, владата ангажираше странски компании и инвеститори за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура, стои во извештајот.
Се посочува и дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги поврзани со корупција, вклучувајќи некои во кои беа вклучени високи функционери, иако, како што се забележува, само неколку до денес резултираа со кривично гонење.
Дигитализацијата и зелената енергија, како што се нагласува во извештајот, се области кои нудат добри можности за американски инвестиции поради посветеноста на Владата да привлече и поддржи инвестиции во овие стратешки сектори.
Како предност на Северна Македонија се посочува и локацијата на земјата на крстосницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, што е добро за компаниите бидејќи нивното производство ќе биде поблиску до потрошувачките центри во Европа.
За перспективите на економскиот раст се истакнува дека во 2023 година беше попречен од повисоките цени на енергијата, инфлацијата, нарушени синџири на снабдување поради неизвесноста создадена од војната меѓу Русија и Украина и забавување на инвестициите.
-И покрај владините стимулативни мерки за помош на закрепнувањето, БДП во 2024 година порасна само за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари. Владината поддршка, исто така, го ублажи влијанието на кризата врз пазарот на трудот, при што стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 година изнесуваше 12,5 проценти. Во својот План за забрзување на растот, владата постави цели за удвојување на просечната годишна стапка на раст на БДП од 2,5 проценти на 5 проценти во периодот 2022-2026 година, создавање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти, пишува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима во земјава.
МИА
Ново на Сител
-

Русија за седум дена лансира 1.600 дронови кон Украина, значително помалку од минатата недела
-

МВР: Приведени 14 лица за безобѕирно управување возило, меѓу нив и малолетник без возачка
-

Двајца малолетници повредени при сообраќајка во Штип
-

Приведени пет лица за семејно насилство
-

Приведени двајца кавадарчани, едниот возел без возачка дозвола, другиот под дејство на алкохол
-

Приведено 24-годишно момче кое со нож нападнало две лица во Кичево
-

НБА: Лејкерс закажа полуфиналната пресметка со Оклахома
-

Стармер: Повторното отворање на Ормуската Теснина нема да значи враќање во нормала
