Македонија
30. January 2022 - 16:34

Стоп за сообраќајното насилство: Протест на пешачкиот премин на кој загина 24 годишната Викторија

Почивај во мир Викторија... Улиците не се бојно поле...Почитувај ѓи правилата вози внимателно... Стоп за сообраќајното насилство...

Ова беа дел од пораките кои точно на пладне ги испратија роднини, пријатели и познаници на трагично загинатата Викторија Николова од Радовиш во сообраќајната несреќа која пред десет дена се случи на раскрсницата пред Сити Мол.

Со голема болка и тага и со црни маици на кои стоеше ликот на девојката  нејзините блиски го посетија местото каде згасна животот на 24 годишната радовишанка.

-На мајка самосталното дете, толку паметна...Мајка не може да прифате... Никоја мајка да не виде јас што доживеав...зборуваше  мајката на загинатата Викторија.

Целта на денешниот едночасовен мирен собир е за подигнување на свеста за одговорно однесување во сообраќајот.

-Да не бидете празна гора без дрвја како нас, отворете ги очите кога ќе видете бела линија на пешачкиот премин, порача Јулијана Николова сестра на загинатата Викторија.

-Целта е свеста и совеста на возачите да биде на многу поголемо нивоза ова масакрирање низ улиците на Македонија конечно да престане, рече Владимир Михајловиќ, адводат на фамилијата.

Дел од присутните на собирот кои живеат на Партизанска побараа поставување на т.н лежечки полицајци кои ќе ја намалат брзината на движење на возилата по булеварот.

-Камерите не помагаат, да се постават лежечки полицајци пред секој пешачки и ќе се намалат жртвите, изјави Томислав Неделковски.

-Тој ден не работеа семафорите, додаде Ефтим Здравевски.

Учесниците на денешниот мирен протест во чест на Викторија и останатите жртви во сообраќајот побараа правдата да биде задоволена.

-Што посериозно и пожално од губење на млади животи треба да се случи за да биде правдата задоволена, рече Петранка Костадинова.

22 годишникот кој вечерта на 20 јануари со автомобил удри во Викторија е во притвор. Во несреќата повредено беше уште едно лице 24 годишното момче на загинатата.