Македонија
14. January 2026 - 12:19

Струмичката епархија и годинава ги изнесе моштите на Свети Василиј Велики на поклонение пред верниците

По повод големиот христијански празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, Струмичката епархија и годинава ги изнесе моштите на Свети Василиј Велики на поклонение пред верниците. Стотици верници дојдоа во црквата Свети 15 Тивериополски маченици да присуствуваат на празничната богослужба, да се поклонат пред светите мошти и да упатат молитва за здравје и благосостојба за себе и за своите семејства.

Отец Даниел Ѓоргиев, вели дека е голема благодет и духовна радост што верниците веќе три децении имаат можност да се поклонат пред моштите на овој голем светител.

Во спомен на чудото што Свети Василиј го направил со златото на христијаните, веќе неколку години по ред, со благослов на митрополитот струмички Наум и викарниот епископ стобиски Јаков, Струмичката епархија за сите верници кои присуствуваат на вечерната богослужба обезбедува посебно лепче во кое се наоѓа паричка од чисто сребро.

Струмичката епархија е единствената во државата која поседува мошти од Свети Василиј Велики. Според преданијата на свештениците, моштите во Струмица пристигнале во 1913 година, а биле донесени од војник кој во тоа време служел во Кападокија.

Последните триесетина години, со благослов на владиката Наум, тие секоја година на празникот посветен на Свети Василиј се изнесуваат на поклонение пред верниците.