Студентите бараат субвенцијата за студентски оброк да биде 4.500 денари месечно

Националното студентско тело соопшти дека од околу 7000 студенти што се изјасниле во онлајн анкетата за понудениот нов ваучерски модел на субвенциониран студентски оброк, 97 проценти поддржале зголемување на износот на 4.500 денари месечно или околу 180 денари на ден, независно од воведувањето на новиот модел, а 79,5 проценти го претпочитаат постојниот модел со платежни картички.
Според претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, во изминатиот период фокусот во јавноста се ставал на новото системско решение, а не на тоа што, рече, законски им следува и е првостепено за студентите – сегашниот дневен износ од 140 денари да се зголеми на околу 180 денари односно сумата да биде усогласена со стапката на инфлација.
Василевска на прес-конференција нагласи дека студентите бараат повеќе пари за субвенционираниот оброк веднаш, а не од почетокот на идната академска година за кога Владата го планира новиот модел - апликација со многу поволности и попусти при купувањето храна кај избрани оператори.
-Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала – износот треба секоја година да расте според ифлациската стапка по секоја фискална година. Сега сум четврта година на студии и досега само еднаш е покачен студентскиот оброк, кога бев прва година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк - изјави Василевска.
За привилегиите што се најавуваат со новиот модел, рече дека од многу угостителски локали, ресторани, пекарници и компании веќе користат попусти и оти тоа „не е некоја нова мерка“, а за планираното воведување на моделот од октомври 2027 година смета дека е „одолговлекување и уште една година извисување на студентите“.
Резултатите од анкетата со нивните барања денеска ќе ги достават до МОН и, рече, ќе чекаат две недели – во првата седмица да бидат разгледани нивните барања и уште седум дена да добијат одговор. Ако не им се исполнат барањата, најави дека студентите ќе излезат на протест.
МИА
Ново на Сител
-

Може ли најсиромашните да бидат поштедени од поскапувањето на струјата и парното?
-

Клековски го осуди нападот врз екипата на Брза помош и рече дека невозможно е да има секаде физичко обезбедување
-

СДСМ поднесе иницијатива за итна собраниска седница
-

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за 2027 ќе донесе економски раст
-

Битиќи: Власта не ги прифаќа нашите амандмани
-

Левица со предлог измени на Законот за урбанистичко планирање
-

Докторите бараат обезбедување
-

Секој втор Македонец пуши цигари
