Македонија
18. February 2026 - 16:33

Судење за оддавање службена тајна: Димитровска тврди, случајот е последица на ревизорскиот извештај за СЈО

Ревизорскиот извештај за бонусите во СЈО е причината што и се суди на екс претседателката на антикорупциска, Татјана Димитровска, тврди нејзината одбрана. Таа во 2020тата како вработена во државниот завод за ревизија потпишала дека специјалните обвинители си делеле додатоци за тајност, па сега тоа бил мотив да биде кривично гонета.

„Димитровска не постапувала во тој предмет по сопствена воља, туку по барање на Јавен обвинител од Одделението за организиран криминал и корупција, а извештајот и наодите биле предмет на оценка на стручно тело, повисоко во рамки на институцијата и таквиот извештај бил презентиран пред Катица Јанева и јавен обвинител од организиран криминал Ивана Трајчева“, вели адвокатот на Димитровска, Владимир Туфегџиќ.

Од обвинителството велат предметот бил оформен откако е откриено дека Димитровска оддавала службена тајна на обвинет во случајот „Адитив“. Нивната телефонска комуникација е клучниот доказ кој екс претседателката на ДКСК ја седнал на обвинителната клупа, појаснува обвинителката која го води случајот.

„Обвинителството дополнително прибави докази, па прибави и материјални докази кои ќе се изведуваат во оваа судска постапка и од самата комисија за постапувањето и Обвинителството утврди дека има доволно докази и само тоа е причината за поднесување на овој обвинителен предлог кон обвинетата“, изјави Наташа Поп Трајкова, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.

На денешното рочиште, обвинителството и одбраната се договорија судењето официјално да почне на 14 април. Дека Димитровска оддавала службена тајна и друг во нејзино име го полагал тестот за сертификат за „државна тајна“, обвинителството ќе докажува само со писмени докази. Таа пак за сведоци ќе повика преставници на ДКСК и Агенцијата за национална безбедност.