Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжи со презентација на докази за лиценцирањето на објектот

Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжива судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителството презентираше докази обезбедени од Министерството за економија и труд, сектор за туризам и угостителство, а за кои рече се однесуваат на релевантни околности како започнала работата на објектот, иако притоа во континуитет формално и суштински не постоеле услови и не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот.
Обвинителката Наташа Сарамандова во судница презентираше повеќе докази, меѓу кои и барање од 10 октомври 2012 година од сопственикот Дејан Јованов за издавање на лиценца за кабаре.
Одбраната бараше од овој доказ да се прочита делот на задолжително потребни документи кои се приложуваат со барањето, на што Обвинителството реагираше дека никогаш не се читале и не може да се читаат од збор до збор сите докази.
Видно од барањето, како што посочи Обвинителството, е дека се однесува за адреса на улица Димитар Влахов б.б. каде е седиштето на Класик М и во тоа време нема регистрирана подружница, додека во однос на исполнетите услови штиклирани се сите, освен во делот на обезбедени доволен број помошни излези за 200 посетители.
Од градоначалникот Ратко Димитревски на 19 октомври 2012 година бил испратен допис до Министерството за економија во кое се наведува дека се бара информација дали компанијата Класик ТП ги има обезбедено потребните документи и бара да биде информирана дали ќе му биде издадена или не лиценца.
- По наведеното барање било постапено од Зоран Николовски, така што е поднесено барање до државен инспекторат по направена конторла да биде известен. По направен инспекциски надзор на 29 октомври 2012 година е изготвен записник од Миле Ампов за објект за кабаре на улица Штипски пат. Битна околност за Обвинителството е да се види дека било констатирано дека угостителскиот објект се уште не извршува дејност се додека не бидат исполнети минимално техничките услови, што е потпишано од Миле Ампов и Дејан Јованов - појасни обвинителката.
Во судница беа презентирани и барање за утврдување на потребни паркинг места, извод од план за град Кочани од сектор за урбанизам и заштита на Општина Кочани, допис од Државен пазарен инспекторат до Министерството за економија, како и решение од Министерството за економија со кое се одбива барањето од 10 октомври 2012 година затоа што правниот објект не ги исполнувал минимално техничките услови.
- Овде битно е за јавноста да знае, а битно е и за сите во судницата да се види дека додека функционирал системот сите овие што се потпишале - министер Ваљон Сарачини, изработил Џеваир Камбери, контролирал Зоран, проверил Шофкет Хазари, одобрил Анче Трипунов, дале решение дека не ги исполнува условите и се одбива барањето- изјави обвинителката.
Одбраната тука бурно реагираше и побара кратка пауза, по што до Судот поднесе барање за изземање на јавната обвинителка Наташа Сарамандова, поради, како што наведе „пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување на елементи од доказите кои се од суштинско значење".
На почетокот на денешното рочиште Судот, изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов, кој беше еден од обвинетите во случајот и информираше дека по добиено известување од МВР се запира кривичната постапка спрема овој обвинет.
Обвинетиот Шабан Салиу, на почетокот информира дека до Судот поднел писмен предлог за враќање на патната исправа. - Причините зошто барам времено враќање на патните исправи - пасош и дипломатски пасош се во образложението -изјави Салиу.
Одбраната на Блашка Ефтимова, исто така, поднесе барање за укинување на дел од мерките за претпазливост, односно забраната за напуштање на живеалиште од причина што, како што посочи, живее сама со својот болен сопруг и треба да го носи на лекување. Судењето се наоѓа во доказна постапка со изведување на материјални докази од Обвинителството.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

Два последователни земјотреси во Венецуела – голем број загинати и повредени, бројките растат секоја минута
-

Дуел со квалификации меѓу Филипче и Мицкоски на пратенички прашања
-

Пет дена до рокот: Собранието во трка да ги изгласа законите од реформската агенда
-

Нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за промена на ресори, разговорите продолжуваат
-

Ревизија на МЕПСО: Спорни вработувања, хаос со имотот и милионски провизии за неискористени кредити
-

Судење за „Пулс“, родителите ја напуштија судницата
-

Во Источна Македонија најмногу потрошувачка на лекови на рецепт
-

Жените во Тетово ќе се капат во посебни термини во градскиот базен
