Македонија
7. August 2015 - 16:48

Судот го известил обвинителството: Заев дојде, но рече дека нема да доаѓа, преземете мерки

Нема да ја почитувам изречената мерка на претпазливост но за органите на прогонот останувам достапен, ова бил одговорот на лидерот на опозицијата Зоран Заев во судот во Струмица на распитот извршен во вторникот. Бил повикан откако кривичниот совет на скопскиот суд побарал објаснување зошто обвинетиот во случајот Пуч и покрај обврската не се пријавил во судот на 13, 20 и 27 јули. Заев бил веднаш одговорил на поканата и истиот ден во вторникот се појавил во судот во Струмица. Струмичкиот градоначалник посочил дека редовно се јавувал во судот до шестти јули кога ја информирал јавноста дека тоа повеќе нема да го прави поради, според неговите зборови политичко одлучување во случајот Пуч за насилство врз претставници на високи државни органи.

И понатаму останувам на таа изјава за непочитување на мерката на претпазливост, меѓутоа напоменувам на органите на прогонот во секој момент сум достапен, не мислам да се дадам во бегство и натаму останувам во Македонија и тоа на подрачјето на Општина Струмица и Општина Скопје. Во Струмица сум на адреса ул,,........“, а во Скопје во седиштето на СДСМ. Тоа е се што имам да кажам“, рекол Заев стои во записникот од струмичкиот суд.

Скопскиот кривичен суд добиените информации ги достави до обвинителствот кое ќе треба да одлучи дали ќе ја промени мерката за обезбедување на четврто осомничениот во овој случај. Од обвинителството потврдија дека е добиено известувањето по кое се постапува. 

Известувањето ќе биде предмет на разгледување, по што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се произнесе по истото, пишува во одговорот кој од ЈОРМ го испратија на прашањето на Сител.

Судењето за случајот „Пуч“, кое требаше да стартува во средата, се одложи за 7 септември токму поради тоа што лидерот на опозицијата и четврто обвинет во случајот Зоран Заев не се појави во судница.