Размена на ресори можна опција во владината реконструкција
Размена на ресори меѓу коалициските партнери најверојатно ќе има во најавената владина реконструкција. По викенд средбите на премиерот со претставниците на ВРЕДИ и ЗНАМ, Мицкоски рече дека постои и таква опција. Рече дека средбите поминале во конструктивен амбиент, но рече дека тука не бил крајот на разговорите во владината коалиција.
„Ќе имаме сега во текот на оваа недела повторно средби. Јас очекувам тоа да бидат завршни. Во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња и со останати специфики. Инаку, да, постои опција за промена на ресори. Да, и за тоа е разговарано“, рече Мицкоски.
Дека прераспределба на ресори е можна, но и дека во текот на неделата ќе има нови состаноци потврдуваат и од Коалицијата ВРЕДИ.
„И партијата ВЛЕН и коалициските партнери во владата имаат соодветни дата-бази на податоци за секој функционер кој вршел активности или водел институција со точни податоци и истите ќе се дискутираат во рамките на коалицијата. Не е изненадувачки ако се променат и министерствата или некој од различните функционери на нивните позиции“, вели Мухамет Елмази од ВРЕДИ.
Реконструкцијата нема да донесе ништо ново, сметаат од опозициската СДСМ. Оттаму велат дека најавената реконструкција на граѓаните не им значи ништо бидејќи тие се преокупирани за тоа како да го поминат месецот.
„По долги и „конструктивни“ разговори, дојдоа до епохално откритие: ќе сменат неколку министри или ќе направат рокади на ресори. За да оваа Влада доживее вистинска реконструкција, прво би требало да го реконструираат премиерот. Затоа што токму тој ја води Владата, исто како што ја води и партијата. Значи - фан-клуб. Како во партијата, така и во Владата. Реконструкцијата, според нив, ќе донесе „повеќе одговорност, ефикасност и резултати“. Што во превод значи: ќе ги сменат оние што веќе не можат да се бранат и ќе доведат нови кои уште не се истрошени.Целта на целата операција е јасна: да се продаде илузијата дека нешто се менува, додека тендер коалицијата продолжува да функционира како и досега. Нова амбалажа, ист производ со поминат рок“, велат од СДСМ.
Викендов премиерот кажа дека до крајот на месецот, новите кадровски решенија ќе треба да се најдат пред пратениците во Собранието. Најави и реконструкција на локално ниво во пониските ешалони, но според најавите, тој процес ќе се одвива во септември.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
