Македонија
4. јуни 2025 - 11:18

Судски совет: Судството не било ажурно во првиот квартал, причина малку судии и многу неработни денови

Судството во првите три месеци од годинава не било ажурно и биле решени 137.725 предмети, ова беше кажано во образложението на 524-та седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

По точката за разгледување и оценување на тримесечните извештаи за работа на судовите за 2025 година, односно за периодот јануари-март беше констатирано дека повеќето судовите биле неажурни.

Почетокот на годината судовите го започнале со 133.882 предмети, а примиле во работа 148.588 предмети.

Помалиот број решени предмети во споредба со примените во овој период се должи на намалениот обем на работа заради многуте празници во јануари и префрлањето на предмети од претходната година. Како причина за неажурноста, беше наведено во дискусиите, се должи и на малиот број на судии. Оценката беше дека се постигнати задоволителни резултати, со оглед на околностите. Како проблем за ефикасноста на судовите беше напомената и состојбата со службите како записничари и стручни соработници, кои треба да се вработат, но за нив нема согласност од Министерството за финансии за нивно вработување.

- Ова е уште една причина да бидеме погласни. Имаме испратено бројни ургенции и апели за да ја постигнеме финансиската независност на судството, но засега тоа не вроди со плод, рече претседателот на судскиот совет, Александар Камбовски.

Извештајот беше усвоен и наскоро ќе биде објавен наскоро и ќе биде достапен за јавноста.