Сведок за „Пулс“: Пред Кочани, ДНК имале инцидент со прскалки и во Гевгелија
Панчо и Мартин Атанасовски Буцо од групата ДНК, една и пол година пред пожарот во Пулс, купиле осум прскалки од фирма во Кисела Вода која ги продавала нелегално, бидејќи на сопственикот не му се исплатело да вади лиценца за пиротехниката.
Сопственикот на фирмата, кој беше сведок на денешното рочиште, изјави дека во еден наврат Панчо ја купил кутијата со која се активираат прскалките, а Буцо ги купил самите прскалки. За нив не издал фискална сметка, бидејќи прскалките ги набавил од пазар во Бугарија и формално не му биле наменети за продажба. Сепак, во Скопје им продал осум прскалки на членовите на ДНК по цена од 500 денари за парче.
Тој смета дека дискотеката не изгорела од неговата пиротехника, која ја прошверцувал од Бугарија. Според него, неговите прскалки имале домет од околу два метра, додека од видеата на кои се гледа пожарот во Пулс, искрите од прскалките достигнувале и до три метри.
Дополнително, ДНК користеле ваква пиротехника на речиси секој настап, која можела да се набави и на Бит Пазар или во Косово, па, како што рече, нема логика неговите прскалки да ги чувале година и пол за да ги употребат на 16 март.
-Ги донесов со автомобил од Бугарија и ги продавав по 500 денари за парче, додека на Бит Пазар се продаваа и по 300 денари. Материјален траг нема, бидејќи не ги продавав со фискална сметка. Прскалките ги земав повеќе за демонстрација за тоа како работат куферчињата за активација да се покаже како функционира системот, а не сме се занимавале со продажба, сведочеше Игновски.
Тој посочи и на претходен инцидент кога настапувала групата. Во дискотека во Гевгелија, за време на настап на ДНК, од пиротехниката се запалиле платно и звучници.
„ДНК во клубот ‘Де факто’ во Гевгелија имаат запалено и платно, изгореа и звучници. Ми кажа колега од Гевгелија. Откако го споменав во исказ во Обвинителството, ме направи партал зошто сум го кажал.“ изјави на денешното рочиште.
Тој не се сеќава точно колку време пред трагедијата во Кочани се случил пожарот на сценските реквизити во Гевгелија.
Адвокатите на обвинетите од Министерството за економија, кои во 2012 година издале лиценца за Пулс, прашаа дали сведокот треба да седи на обвинителна клупа поради шверц на прскалки и дали обвинението е селективно.
Обвинителот Дарко Јакимовски одговори дека луѓето не загинале од прскалките, туку затоа што немале каде да избегаат.
На денешното рочиште се испитуваа и други сведоци. Вработен во агенцијата за обезбедување Рубикон изјави дека по трагедијата сопственикот му наложил тој да ги исплаќа платите на вработените. Сметководителката која ги водела финансиските работи на Рубикон, пак, посочи дека немало склучен писмен договор меѓу Пулс и агенцијата за обезбедување.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
