Сведок за „Пулс“: Пред пожарот имаше рација за малолетници, во дискотеката се користеа прскалки и претходно

Сведокот Ана Захариева, која на критичниот настан била гостин во „Пулс" во Кочани, на денешното рочиште за пожарот, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, во судницата во „Идризово“ изјави дека вечерта на 16 март во дискотеката имало многу гости, меѓу кои и малолетници, како и дека во дискотеката се користеле прскалки и претходно.
Сведокот, посочи дека во „Пулс“ одела од 17-18 години речиси секој викенд.
- Вечерта стигнав околу 12 часот и си купив блиет. Ја дадов на обезбедувањето, ставија печат и влегов внатре. Бев со друштво - рече Захариева.
Прашана дали се сеќава на лицата што вршеле обезбедување таа вечер, сведокот рече дека не се сеќава. Сведокот по сеќавање ги опиша влезот на дискотеката и нејзината внатрешност по нејзиното реновирање посочувајќи дека вториот излез тогаш бил затворен.
- Вечерта имаше многу луѓе во дискотеката - изјави Захариева посочувајќи дека имало и малолетници.
Пред да избувне пожарот во дискотеката, сведокот рече дека имало рација за малолетници, но забавата не била прекината.
Избувнувањето на пожарот, сведокот рече дека не можела да го види, но кога кажале дека гори, се упатила кон излезот бидејќи не била многу далеку.
- Беа секунди во прашање. Не бев многу оддалечена од вратата, можеби некои две минути. Знам дека беше многу малку потребно за пожарот бидејќи додека бев до вратата, веќе целиот плафон гореше - изјави сведокот посочувајќи дека немало никој што ги насочувал каде и како да се евакуираат.
Секогаш кога имало некои настан, пејачи, роденден, танчарки или отворање сезона, сведокот рече дека во дискотеката се користеле прскалки.
- Бев заглавена во стампедото, врз мене имаше сигурно уште 3-4 луѓе. Бев онесвестена и кога се разбудив, почнав да барам помош од луѓето околу мене. Имаше еден полицаец во униформа, но не можеше да ме извлече. Набргу дојде друг и ме извлече - рече сведокот.
Сведокот рече дека во пожарот добила изгореници на целата лева рака, имала операција и 42 дена била во болница, најавувајќи отштетено побарување.
На вкрстено прашање од одбраната на првообвинетиот, Дејан Јованов-Деко, да објасни како знае дека претходно било дискотека, а по реновирањето кабаре, сведокот рече дека разлика визуелно немало, туку во работното време.
- Дискотека е откако јас знам сè до последната година кога го реновираа. Немаше разлика внатре, туку имаше во времето на излегување. Дискотека беше до 11, а кабаре е откако се излагаше од 1-2 и траеше до 3-4. Јас така чув - појасни сведокот.
На прашање од адвокатот Јовица Страшевски дали може да се сети кој ја спасил вечерта, со оглед дека се сеќава речиси на сè, само не на човекот што ја спасил, сведокот повтори дека не може да се сети зашто настанало стампедо.
На прашање од одбраната дали била во дискотеката кога била малолетна, сведокот рече „да, сум била присутна зашто пуштаа малолетници, исто како што пуштаа и таа вечер".
Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, Ивана Коцевска, пред почетокот на денешното рочиште од судот побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.
Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледување на документацијата, на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

Уписите на првачињата почнуваат во мај
-

Трамп: Денеска ќе биде потпишан договор со Иран
-

ДНК на судијата Ѓоко Ристов најдена на заѕиданите 350.000 евра
-

Уапсен сопственикот на ФК „Башкими“
-

Иран соопшти дека не е планирана нова рунда преговори со САД
-

Децата на спортски настан кај претседателката Сиљановска Давкова, им порача да ги вежбаат телото и умот
-

Кривична пријава за лице од струшко Ливада за убивање и мачење животни
-

УХМР: Посвежо и нестабилно, до среда локално невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер
