Државниот врв очекува конструктивен дијалог со новата бугарска влада
По уште еден изборен циклус кај источниот сосед, официјално Скопје подава рака за соработка, но со барање за праведно решение. Македонскиот државен врв оцени дека стабилна влада во Софија ќе значи отпочнување на дијалог за решавање на спорните прашања за евроинтегративниот пат на земјава.
Премиерот Мицкоски уште утрово телефонски му ја честитал победата на Румен Радев. Шефот на дипломатијата најавува дека ќе иницираат разговор уште веднаш по формирање на бугарската влада.Тој е оптимист дека ќе има конструктивен дијалог но нагласи дека тој мора да се заснова на взаемна почит.
Дека во Бугарија ќе има стабилна политичка Влада е позитивна околност но претседателката на државата оценува дека и натаму отежнувачка околност за нас ќе биде бугарскиот парламент кој има јасни позиции во однос на донесените резолуции. Сиљановска Давкова вели иако со Радев имале бројни несогласувања, сепак очекува дијалог кој ќе донесе решение.
Претседателот на Собранието очекува што побргу да се формира бугарската Влада и да се стапи во контакт за „да се фати возот", да се почне со отварање на поглавјата и во првиот круг на проширување. Гаши на денешниот брифинг вели дека за уставните измени не е проблем постапката во парламентот туку политичките гаранции.
„Собранието е подготвено и може веднаш да почне со постапката, но, само е потребен политички договор и гаранција дека нема да има такви прашања во однос на идентитетот, во иднина. Јасни се процедурите за менување на Уставот и се знае кој може да биде предлагач,може да предложат и пратеници, Владата, претседателот на државата. Само да се дојде до договор, потоа процедурата мислам дека ќе биде полесниот дел. “
Радев е победник и меѓу гласачите во Македонија, Коалицијата „Прогресивна Бугарија“освои најмногу гласови 36,8 отсто од вкупниот број кои гласале. На второ место е партијата Ја продолжуваме промената-демократска Бугарија со 20 проценти по што следат „Вазраждане“ со 14ипол проценти и ГЕРБ на Бојко Борисов со 14 отсто од гласовите.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
