СВР Скопје станува Оддел за внатрешни работи, поголеми ингеренции и повисоки плати за скопската полиција
Со новите измени на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција кои денеска поминаа во Собраниските комисии, ќе се менува позицијата на скопската полиција во безбедносната хиерархија на државата. СВР Скопје се укинува и добива нов назив, Оддел за внатрешни работи Скопје, со што се издигнува над останатите полициски сектори во земјата. Ваквото прераспоредување, според предлагачите, е резултат на зголемениот обем на работа и специфичните безбедносни предизвици со кои секојдневно се соочува главниот град, односно дека над 60% од кривичните дела се случуваат токму тука.
Со ова началниците и полицајците од овој сектор ќе имаат поголеми ингеренции и повиски плати, во однос на нивните колеги од секторите во другите градови.
Денеска на расправата на Комисијата за безбедност и одбрана во Собранието, со амандмани на овие измени се противеше пратеникот Сали Мурати, кој е и поранешен претседател на Уставниот суд.
Според него новите измени се уставна повреда, Скопје ќе добие посебен третман за разлика од другите градови, а се отвора и простор за политички злоупотреби и притисоци. Вели самото тоа што МВР не ги предложува овие измени, туку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ без стручни алализи, содржи ризик за политизација на полицијата.
Кога се созава нова организациска едница со повисока хиерархија, не се врши политизација туку се создаваат услови за кариерен развој на тие вработени, вели пратеникот Драган Ковачки кој е еден од предлагачите на измените.
Според поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски сите сектори за внатрешни работи на МВР треба да имаат исти ингеренции, бидејќи тоа го бараат состојбите на терен, да не се издвојува само СВР Скопје бидејќи може да дојде во судир со БЈБ.
Утре измените на овие два закони ќе ги гласаат пратениците на Собраниска седница. Законскиот одредби предвидуваат овие измени да стапат на сила 9 месеци по донесувањето.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
