„Таков каков што сум’’ - aвтобиографија на бизнисменот Кочо Анѓушев
Автобиографијата на Кочо Анѓушев е личен приказ на човек кој влегол во бизнисот пред 20 години со тоа што го слушал и учел од својот дедо, фабрикант пред Втората светска војна. Преку тоа што лично го поминал, Анѓушев зборува паралелно и за образованието, и за бизнисот и за општеството, а во еден дел и за политиката.
Главните пораки се дека младите денес се презаштитени, со социјалите мрежи имаат лоша претстава за светот, а учењето и посветената работа се потценуваат. Дека успехот никој не го подарува, дека да се успее во светски рамки е многу тежок потфат кој бара упорност. Ги опишува неговите бизниси, кои сите до еден биле нови на ова поднебје, односно сам почнал да пробива пат за многу работи: трговија со електрична енергија, призводство на водородни и електрични возила во БРАКО, мали хидроелектрани, а денес и биогасни и фотонапонски електрани и батерии..
Според Анѓушев, селењето во странство многу често не е решение на егзистенцијалните проблеми и како што вели во заклучокот, Анѓушев ја напишал оваа книга за да поттикне што повеќе млади луѓе сами да почнат свој бизнис, да им го охрабри претприемачкиот дух и да останат во Македонија.
,,Во оваа книга се обидов преку својот живот, преку своите искуства и грешки, да оставам едно четиво за сите кои денес се занимаваат или сакаат во иднина да се занимаваат со бизнис. Ова е, пред сѐ, книга за тоа дека може да се почне од нула и да се успее во животот со многу работа и учење. И дека никогаш не треба да се откажувате’’.Во еден дел од книгата е опишано и неговото учество во Владата, каде вели дека се обидел со знаење и искуство да придонесе за државата, а наишол на друг прием, потоа за неговиот став дека политичките партии треба да соработуваат за клучните државни интереси; за бракот од интерес меѓу политичари, фонадови и медиуми, и на крај како дошло до негово санкционирање со забрана за влез во САД, за што ангажирал свои застапници во Вашингтон да ја докаже неоснованоста на тој чекор.
,,Некои луѓе во таа Влада мене ме гледаа како натрапник, како општествена закана. Богат претприемач, кој им е класен непријател. Не можев да верувам што слушам во држава во која е демократија и пазарна економија. Ноо, кога сега гледам дека некои пишуваат како Илон Маск се вклучил во владата во САД за да се збогати, сега сѐ ми е јасно. Тој е најбогат човек на светот, најбогат во историјата. Зар некој мисли дека на Маск му требаат уште пари? Не. Тој едноставно мисли дека може и знае да ги подобри работите во некоја сфера. Ама никој не верува дека некој што е богат може да работи за јавно добро. Чудно, ама многу лесно му се верува на некој што никогаш ништо не создал за себе и своето семејство, па дека токму сега и баш во владата тој ќе создаде за сите други.,,Ова е првпат Анѓушев да напише книга која е надвор од машинската струка, односно надвор неговите книги од кои се учи на Машинскиот факултет.
Книгата е напишана во јануари годинава, а од печат излезе на македонски и англиски јазик, во соработка со издавачката куќа Арс Ламина. Ќе се продава во книжарите на Литература и во уште повеќе од 100 книжари и штандови за книги во хипермаркетите, како редок вид на вакво четиво кај нас.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар