Македонија
8. July 2022 - 19:35

Тема на денот: Биди донор, спаси живот!

Со 5 милилитри крв од вашата вена може да бидете потенцијален донор за едногодишниот Марко Ташев од Кавадарци. Детето кое боледува од многу ретка имунолошка болест може да има нормално детство само со трансплантација на коскена срцевина. Сограѓаните на Марко масовно донираа а денеска својата општествена одговорност и хуманост ја покажаа и вработените од Сител ТВ.

-Дадов примерок за крвна анализа за малиот Марко кој се бори со ретка болест. Се надевам дека јас ќе бидам токму тој чија коскена срцевина ќе одговрара за Марко. Меѓутоа ако не биде така може ќе бидам потенцијален донор за спас на друг живот, вели Александар Динев новинар во Сител ТВ

По краткото предавање на директорот на Институтот за Имунологија каде се наоѓа и официјланиот и едниствен регистар на коскена срцевина, вработените од Сител потрошија само 3 минути од работното време дарувајќи крв.

-Смислата на животот на еден човек е да се биде себичен или не. Себичноста за мене не е избор, и затоа да ја зголемиме базата на коскена срцевина, бидејќи не знаеме дали некому некогаш ќе му затреба, вели Марјан Николовски уредник во Сител ТВ.

Колку повеќе потенцијални донори толку поголеми се шансите за едногодишниот Марко. Но денешните примероци крв собрани во Сител можат да бидат спас и за пациенти во Германија,. Австралија но и за други наши сограѓани кои имаат потреба од трансплантација на коскена срцевина. А процедурите да станете дел од регистарот се многу едноставни.

- Се зачленувате со тоа што пополнувате согласност и се зема 5 милилитри крв. Зачленувањето е 5 минути без одолговлекување. Потенцијален донор може да биде секое здраво лице од 18 до 50 години кои немаат посериозни заболувања. Не можат да бидат донори оние кои имаа онколошки заболувања, вели Бобан Добревски од Инстиутот за имунологија.

Во случај кога потенцијалниот дарител станува вистински процесот на подготовка е безболен. Добива поткожна инекција како вакцина која треба да ги разбранува матичните клетки за да дојде до нивно вадење.

- Негде три дена поминува од тоа и потоа седнува на еден апарат како за вадење на крв постапката трае 3 - 4 часа се вадат матичните клетки пторебни за тоа и остатокот се враќа, вели проф. Др. Александар Петличковски, директор на Институт за имунологија.  

Сите податоци за евентуални дарители од регистрите во одредени земји се здружени во светската мрежа, со цел олеснување на процесот за пребарување и достапноста на клетките за заболените пациенти.

-И јас денеска станав дел од македонскиот дарителски регистар за коскена срцевина. Можеби токму вие сте тие што може да спасите нечиј живот и затоа бидете хумани и станете донори....

Засега бројката на потенцијални донори во официјалниот регистар е над 5000...но треба многу повеќе вакви акции за поголеми шанси за живот.

- Ја поздравуваме Сител куќа за ова аакција. Вработените во Сител се приклучиа со дарување на крв и потребни се многу повеќе вакви акции за да имаме многу повеќе во регистарот и обезбедување на доброволен дарител онаму каде што е потребно, вели Петличковски.

Во светот на секои 4 минути, еден човек заболува од леукемија. Ти можеш да помогнеш, тие повторно да бидат здрави. Донирај коскена срцевина.