Македонија
27. April 2026 - 14:25

Тошковски: Ќе се воведе ново овластување со кое полициски службеник да може веднаш да изрече итна мерка за жртвата на семејно насилство и сторителот да го отстрани од домот

Семејното насилство е проблем што со години бил јасно видлив и во институционалната пракса, но и во статистиката и предолго се третирал фрагментирано со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната надзорна расправа организирана од собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Тема на надзорната расправа беше „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“, а министерот Тошковски предочи дека семејното насилство е едно од оние прашања по кои најјасно се гледа колку навистина функционира системот, особено таму каде што државата треба навреме и суштински да ги заштити луѓето кои што се најранливи. 

- Податоците се доволно јасни, во периодот од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство. Тоа значи дека институциите во просек секој еден ден добивале околу 15 сигнали, во истиот период се регистрирани над 8.500 кривични дела, над 2.900 прекршоци и повеќе од 33.000 поплаки. Ова е проблем што со години бил јасно видлив и во институционалната пракса, но и во статистиката и предолго се третирал фрагментирано со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите. Во таа статистика има и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди. Ова не е проблем што е создаден вчера, ова е проблем што со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо тогаш кога првите сигнали јасно покажувале зголемен ризик. Да се затворале овие слабости порано, денес ќе имаше помалку простор жртвата да се изгуби во институционалните лавиринти, истакна Тошковски.

Според министерот Тошковски, МВР има јасна и директна улога во оваа област затоа што полицијата најчесто е првата институција што доаѓа во контакт со жртвата, прави проценка на ризик, прва постапува на лице место и прва носи одлуки кои што во прв момент директно влијаат врз безбедноста на жртвата. 

- Кога зборуваме за одговорност на МВР, не зборуваме само за постапување по пријава, туку и за капацитетот навреме да се препознае ризикот, правилно да се процени и да се преземат мерки кои што ќе спречат понатамошна ескалација. Но не би било чесно ниту коректно, овој проблем да се сведе само на полицијата, затоа што таа неможе сама без навремено постапување на Центрите за социјални работи, без брза реакција од Обвинителството и без ефикасна судска одлука. Реално е да се каже дека се направени одредени поместувања, но и понатаму постојат слабости кои се манифестираат во координацијата помеѓу институции, во нејасно поставени надлежности и во ситуации кога реакцијата е формално навремена, но суштински недоволна, посочи Тошковски.

На денешната надзорна расправа, министерот Тошковски најави измени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, пред се во делот на итните и привремени мерки.

- Клучната промена е во воведување на ново полициско овластување со кое што полицискиот службеник врз основа на проценка од ризик и при утврдена јасно дефинирана непосредна опасност ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата. Оваа мерка се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, може да трае до 48 часа, а потоа Судот ја потврдува, укинува или продолжува до 30 дена, мерка согласно Истанбулската Конвенција. Паралено со законските измени работиме да обезбедиме „боди-камери“ за полициските службеници затоа што во вакви постапки не е доволно само навремено да се интервенира, туку и поддеднакво е важно точно да се документира што се се затекнало на лице место, како постапила полицијата и каква фактичка има при интервенција. Во пракса, тикму тука најчесто се отвора простор за различни толкувања или релативизирање на тоа што се случило, истакна Тошковски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговараше на поставени прашања од членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и нагласи дека според податоците од месец март системот почнува да се движи поинаку, институциите конечно почнуваат да го третираат со сериозноста што одамна ја заслужува овој огромен општествен проблем. 

 

МИА

Ново на Сител