Тошковски: Со поддршка од EU4FAST ја зајакнуваме борбата против шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на церемонијата за примопредавање возила и специјализирана опрема за Министерството за внатрешни работи, обезбедени во рамките на регионалниот ИПА-проект „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST)“.
Во рамките на донацијата, како што информираат од МВР, беа предадени 30 алатки за проверка на документи, два детектори за срцебиење, за откривање лица во скриени простори, седум возила (четири теренски и три комбиња), како и пет видеокамери наменети за Граничната полиција и Националната единица за борба против шверцување мигранти и трговија со луѓе.
Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека поддршката од Европската Унија претставува конкретен придонес во јакнењето на капацитетите на македонската полиција и во унапредувањето на нејзината оперативна ефикасност.
- Живееме во комплексно геополитичко време, кое бара максимална будност и кохезија на безбедносните структури. Нашите граници се рамноправен дел од безбедносната архитектура на европскиот континент, а нашите институции се на првата линија на одбрана на заедничките европски вредности. Затоа секоја инвестиција во модернизацијата на нашите служби е истовремено инвестиција во мирот и стабилноста на целиот европски простор - нагласи Тошковски.
Министерот посочи дека криминалните мрежи дејствуваат транснационално и постојано ги адаптираат своите методи поради што е неопходен координиран и навремен одговор заснован на силна меѓународна соработка.
Тој истакна дека проектот EU4FAST претставува успешен пример за заедничко дејствување на институциите од регионот и европските партнери преку обуки, размена на информации и координирани активности на терен.
- Донираните возила и специјализираната опрема веднаш ќе бидат ставени во функција, со што значително ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици во справувањето со шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе - истакна Тошковски.
Тој нагласи дека овие форми на организиран криминал имаат директни последици врз човечките судбини поради што Министерството за внатрешни работи продолжува да применува мултидисциплинарен пристап со силна хумана компонента во секоја оперативна активност.
На крајот од обраќањето министерот Тошковски упати благодарност до Европската Унија, донаторската заедница и проектниот тим за континуираната поддршка и доверба потенцирајќи дека земјата ќе остане активен и кредибилен партнер во сите иницијативи насочени кон зајакнување на безбедноста, владеењето на правото и регионалната соработка.
Проектот EU4FAST ги поддржува партнерските институции во регионот во зајакнување на превенцијата, истрагата, гонењето на сторителите, како и заштитата на жртвите, преку комбиниран пристап, кој опфаќа обуки, техничка помош, набавка на опрема и унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Проектот е кофинансиран од Европската Унија, Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ), Министерството за внатрешни работи на Италија и Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Имплементацијата ја спроведува конзорциум предводен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), заедно со европски партнери од областа на внатрешните работи и правдата.
МИА
Ново на Сител
-

Премиерот Мицкоски најави почеток на градба на нов клинички центар на почетокот на идната година
-

Поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Димитар Беровски“
-

Психолошки лузни кај децата по разводот на родителите
-

Градот Струмица како инспирација на младите ликовни уметници
-

Силјановска Давкова на средба со Јотова во среда во Софија
-

Тема на денот со Оливер Миланов, директор на Агенција за храна и ветеринарство
-

Од полноќ нови цени на горивата, Мицкоски најави поевтинување на струјата од нова година
-

Статистиката измери инфлација од 4,8% во мај
