Трамп бара истрага против демократите, ги обвини за „кривично дело“

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Министерството за правда да ги истражи демократите поради, како што тврди, „заканување на многу луѓе“ со импичмент и други казни, оквалификувајќи ги нивните постапки како „кривично дело“, но без да приложи докази.
Наредбата доаѓа откако демократите остварија убедлива победа над републиканците на меѓуизборите во вторникот и во јануари ќе ја преземат контролата врз Конгресот. Партиските лидери веќе ветија дека ќе го обноват надзорот на законодавната врз извршната власт преку сослушувања и истраги за постапките на администрацијата на Трамп.
Во својата објава на социјалните мрежи, Трамп ги обвини демократите дека испраќаат „заканувачки писма до многу луѓе, од кои сите се невини“.
Членови на Конгресот претходно објавија копии од писма со барања за доставување документи за различни прашања, меѓу кои и донациите од технолошки компании за големата балска сала што Трамп ја гради во Белата куќа.
Претседателот се повика и на изјава на демократската сенаторка од Мичиген, Елиса Слоткин, дадена минатиот месец на Универзитетот во Чикаго, во која таа предложи Конгресот да ги истражи лицата кои „ги поддржувале политиките на Трамп“.
„Сакам младите луѓе кои го завршуваат своето образование да се запрашаат: ’Дали треба да одам да работам за администрацијата на Трамп?‘ Сакам да си речат: ’Боже, тоа може да ми донесе куп проблеми што не ги сакам. Затоа можеби ќе избегнам да бидам дел од тоа‘“, изјави тогаш Слоткин, додавајќи дека сака да испрати токму таква предупредувачка порака.
Нејзината изјава, дадена неколку недели пред изборите, предизвика критики од републиканците. Сенаторот од Јута, Мајк Ли, напиша на социјалните мрежи дека Слоткин им се заканува на младите луѓе кои сакаат да се занимаваат со политика, на што таа одговори дека Ли ги извртува нејзините зборови и порача: „Поштедете нè од вашето лажно негодување“.
Министерството за правда веќе ја истражуваше Слоткин, поранешна аналитичарка во Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Таа беше меѓу групата демократски законодавци со искуство во областа на националната безбедност кои беа предмет на истрага по објавувањето видео во кое ги повикаа припадниците на вооружените сили и разузнавачките служби да не извршуваат незаконски наредби на администрацијата, но големата порота тогаш го отфрли барањето за поднесување обвиненија против нив.
МИА
Ново на Сител
-

Одбележани 130 години од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје
-

Трамп бара истрага против демократите, ги обвини за „кривично дело“
-

Крвав напад во Краков: Најмалку шест загинати, уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот
-

Осум српски полицајци уапсени за смртно претепување на братот на осомничениот за убиството на Данка Илиќ
-

Променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за дожд во западните делови од земјата
-

Андоновски: Целта е граѓаните што побрзо да ги почувствуваат придобивките од дигитализацијата
-

Марко Блажевски европски шампион - До титулата со доминантен настап во Италија
-

Клековски: Системот за рано предупредување за дроги ќе овозможи побрза заштита на здравјето на граѓаните
