Трамп: Иран ќе се соочи со голема воена казна поради нападите на Хутите во Црвеното Море

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска му се закани на Иран со „голема воена казна“, обвинувајќи го Техеран за нападите на јеменските бунтовници Хути врз два саудиски нафтени танкери во Црвеното Море, со што, според него, конфликтот на Блискиот Исток се проширува и кон уште една клучна светска трговска поморска рута.
Стравувањата дека нарушувањата во поморскиот сообраќај би можеле да се прошират и на Црвеното Море предизвикаа нагло зголемување на светските цени на нафтата. Цената на суровата нафта „брент“ порасна за повеќе од шест проценти, надминувајќи 100 долари за барел, првпат од мај.
Две недели по распадот на привременото примирје, американската војска изврши нов бран ноќни воздушни напади врз Иран, по што Техеран нападна соседни арапски земји во кои се распоредени американски воени бази.
Откако Хутите соопштија дека нападнале два саудиски танкери, Трамп порача дека Иран ќе го смета за одговорен за сите нивни идни напади.
Хутите, кои го контролираат северниот и западниот дел на Јемен, оваа недела објавија дека воведуваат поморска блокада за Саудиска Арабија, која преку нафтовод пренасочувала милиони барели нафта дневно кон Црвеното Море за да ја заобиколи иранската блокада на извозот на нафта преку Ормуската Теснина.
„Ако тоа повторно го направат, САД ќе го сметаат Иран за одговорен, бидејќи Хутите се ирански посредници и сојузници, а на Иран и, секако, на самите Хути ќе им биде изречена голема воена казна“ – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, на дипломатски собир во Југоисточна Азија, изјави дека цената што Иран ја плаќа „секоја ноќ ќе биде сè поголема“, сè додека Техеран не биде подготвен да прифати и да почитува мировен договор.
– Иран секој ден моли за договор. Проблемот е што секогаш кога ќе постигнат договор, тие или го прекршуваат или сакаат да го менуваат. Можеби ќе се предомислат во следните неколку дена, бидејќи и натаму трпат големи загуби – рече Рубио.
Хутите соопштија дека врз саудиските танкери „Енселија“ и „Лајла“ извеле напади со ракети и со беспилотни летала.
Нивните напади би можеле да ја затворат теснината Баб ел-Мандеб, позната и како „Врата на солзите“, која го контролира пристапот од Црвеното Море кон Индискиот Океан и претставува втора најважна светска рута за испорака на енергенси, веднаш по Ормуската Теснина.
Според податоците за поморскиот сообраќај, два кинески супертанкери, кои денеска превезувале вкупно четири милиони барели нафта, се обидувале да го напуштат Црвеното Море преку теснецот Баб ел-Мандеб.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека нападнал американски ракетни системи, складишта за оружје и за гориво во Јордан, како и американски воени позиции во Кувајт.
Портпаролот на иранската армија, генерал Мохамад Акраминија, изјави дека Иран ќе продолжи да возвраќа сè додека САД ги напаѓаат неговата инфраструктура и крајбрежните подрачја, јави иранската државна телевизија.
МИА
Ново на Сител
-

Работник ги нападнал газдите со нож поради неисплатени дневници
-

Рубио: Иран моли за договор
-

Град Скопје: Нови 60 садници во Градскиот парк - ги санираме последиците од невремето
-

Утре пороен дожд, грмежи и ветер
-

Општина Струмица ги повикува граѓаните да ги пријават штетите од невремето за да се обезбеди соодветна поддршка
-

Вардар поразен на домашен терен од Рига
-

Со даночно затајување управител и правно лице го оштетиле Буџетот за 8.070.791 денари
-

Средба Лавров - Рубио на маргините на Самитот на АСЕАН во Манила
