Трамп ја менува Агелер, амбасадорката на САД во земјава
Американската амбасадорка Анџела Агелер заминува од Македонија. Претседателот Доналд Трамп донел одлука за повлекување на околу 30 кариерни амбасадори и други високи позиции во странство. Информацијата ја потврдија и од амбасадата во Скопје.
„Длабоко сме и благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи.“
Од амбасадата велат дека ќе продолжат со работа нормално во текот на овој процес на смена на амбасадор.
Агелер ја завршува својата дипломатска мисија во земјава по 3 години. Таа дојде на оваа позиција во ноември 2022година. Ова не е нејзин прв мандат во земјата, таа служеше како советник за односи со јавноста во амбасадата во Скопје во периодот од 2009 до 2011 година. Во фокусот на мисијата на Агелер беше борбата против корупцијата и владеењето на правото. Еден од најзначајните аспекти на нејзиниот мандат беше активирањето и проширувањето на американската црна листа. САД во овој период санкционирање неколку влијателни личности од Македонија поради коруптивни дејствија. Агелер во јавните настапи често го критикуваше правосудството и бараше реформи во судскиот систем.
Во последното гостување во тема на денот на Сител Агелер порача дека граѓаните бараат резултати од надлежните институции а не меѓусебни критики кој каква реформа спровел.
Стејт департментот соопшти дека ова е стандарден процес и дека амбасадорите се лични претставници на претседателот, кој има право да осигура дека тие ја спроведуваат неговата надворешно политичка агенда. Повлечените дипломати не ја губат својата работа, туку се враќаат во Вашингтон на други должности.
Покрај Македонија, смени во Европа ќе има и во Ерменија, Црна Гора и Словачка, додека најголем број амбасадори се повлечени во африканските држави.
Администрацијата на Трамп отстапува од традицијата со тоа што ги отпушта и кариерните дипломати поради недостиг на доверба, правдајќи го тоа со потребата за спроведување на агендата „Америка на прво место“. Критичарите предупредуваат дека ваквата практика го поткопува угледот на американската дипломатија и остава многу амбасадорски места празни, со што им се отстапува лидерски простор на Кина и Русија, пренесува американски Политико.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
