Трамп: Можно е по изборите да го засилиме бомбардирањето на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно Соединетите Американски Држави по ноемвриските избори да го засилат бомбардирањето на Иран, наведувајќи дека најновата понуда на Техеран за прекин на судирот не е доволно добра.
– Можно е – одговори Трамп во интервју за американскиот магазин „Тајм“ на прашањето дали разгледува засилување на бомбардирањето на Иран по изборите за Конгресот на 3 ноември.
Коментирајќи го најновиот ирански предлог за прекин на огнот, Трамп рече дека нема да прифати предлог што не би го прифатил ниту пред една година.
– Работите што пред една година не би ги одобрил, не би ги одобрил ниту денес – рече тој, додавајќи дека Иран понудил повторно да ја отвори Ормуската Теснина, но дека тоа „едноставно не е доволно добро“.
Трамп оцени дека американската воена операција против Иран веќе сериозно ја ослабела земјата.
– Го уништив нивниот нуклеарен капацитет. Ја уништив нивната морнарица, нивното воено воздухопловство и радарскиот систем – рече Трамп и додаде дека стотици „ирански бродови се уништени“.
Тој изјави дека првично планирал пократка воена операција, но дека одлучил да ја продолжи акцијата за да го спречи Иран да ги обнови своите воени и нуклеарни капацитети.
– Можев тогаш да запрам, но сакав да одам понатаму – рече Трамп.
На прашањето за претходната изјава дека би можел да го „уништи“ Иран, Трамп одговори: „Да, би го направил тоа. Можно е“.
На прашањето како претседател кој себеси се нарекува претседател на мирот може да зборува за уништување на цела земја, Трамп рече: „Со уништувањето на Иран создадовме мир во светот. Со Иран, мислам дека никогаш не можете да имате мир“.
Трамп притоа тврдеше дека иранската влада за време на протестите убила меѓу 72.000 и 75.000 луѓе, наведувајќи дека тие бројки, како што рече, се документирани.
Трамп повтори дека Иран повеќе не е во состојба да претставува иста воена закана.
– Нивната економија е готова. Нивната инфлација е 300 проценти или така нешто. Нивната морнарица ја нема, нивното воздухопловство го нема. Сè исчезна – рече тој.
Трамп оцени дека, доколку САД и Иран постигнат договор, цената на нафтата повторно ќе падне.
– Штом склопам договор, цените на нафтата ќе паднат на она што беа – рече тој.
Говорејќи за односот кон медиумите, Трамп рече дека ја почитува слободата на печатот, но дека не го почитува она што го нарекува „лажни вести“.
– Верувам во слободен печат. Верувам во чесен печат, но не верувам во лажни вести – рече Трамп. Тој повторно ги критикуваше Си-ен-ен и Ем-ес-ен-би-си (MSNBC), тврдејќи дека за неговата работа главно известуваат негативно.
На прашањето дали основната улога на медиумите е да ја контролираат власта и да ја повикуваат на одговорност, Трамп одговори дека медиумите мора да бидат „чесни“.
Трамп рече дека првпат слуша за наводите дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година бил предупреден за можноста од голема офанзива.
– Не можам да замислам такво нешто – рече Трамп.
На прашањето дали Нетанјаху треба повторно да биде избран за премиер на Израел, Трамп избегна директен одговор.
– Веќе не сум вклучен во политиката – рече тој, но додаде дека Нетанјаху „не би требало да се потценува“.
Трамп изјави дека вештачката интелигенција претставува нова технолошка ера која би можела да биде поголема од индустриската револуција.
– Ова е индустриска револуција, но поголема. Тоа е интернетот, но многу поголем – рече тој.
На прашањето за безбедносните ризици од ВИ технологијата, Трамп рече дека не сака претераната регулација да го забави развојот на американската индустрија.
– Ако воведете регулација, можат да ве исфрлат од бизнисот – рече тој.
Трамп најави и дека сака да формира група експерти која би го советувала за вештачката интелигенција, а изразот „вештачка интелигенција“ го замени со изразот „супер интелигенција“.
Американскиот претседател додаде дека не мисли дека САД треба да ги национализираат водечките компании за развој на вештачка интелигенција, но, како што наведе, неговата администрација би можела да побара сопственички удел во одделни технолошки компании во замена за државна поддршка.
Говорејќи за изборите за Конгресот на 3 ноември, Трамп рече дека очекува добри резултати за републиканците и најави дека активно ќе учествува во кампањата.
– Мислам дека ќе поминеме добро ако ја водам кампањата, а имам намера да ја водам – рече тој.
На прашањето што би се случило доколку демократите преземат контрола врз Претставничкиот дом, Трамп рече: „Веројатно ќе тргнат по мене, а јас ќе тргнам по нив“.
Тој ги отфрли резултатите од анкетите кои покажуваат пад на неговата популарност, оценувајќи дека тие податоци се „лажни“.
Трамп детално говореше и за реновирањето на Белата куќа, наведувајќи дека зградата била во лоша состојба кога се вратил на функцијата. Според него, ѕидовите биле оштетени, делови од фасадата отпаѓале и зградата прокиснувала. Тој додаде и дека изградбата на новиот хелиодром била финансирана од компанијата „Локид Мартин“.
– Го изградив, но со нивни пари – рече тој.
Говорејќи за кинескиот претседател Шји Џјинпинг, со кого неодамна се сретна, Трамп рече дека разговорите биле „многу интензивни“.
– Мислам дека Шји е во одлично здравје. Разговорите беа многу интензивни – изјави тој и додаде дека САД мора да останат пред Кина во развојот на вештачката интелигенција.
– Не сакам Кина да ги има сите тие дата центри – рече тој.
На прашањето кој би можел да биде најсилниот демократски кандидат за претседател во 2028 година, Трамп го спомена гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. Тој претходно изјави дека не планира повторно да се кандидира за претседател.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром
-

Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник
-

Нарачал 700 грама хашиш од Шпанија да му стигне по пошта во Тетово, го чекале да ја подигне па го уапсиле
-

Утре му истекува притворoт на Јованов - Обвинителството бара да се одбие гаранцијата од 195.820 евра
-

Путин: Наскоро сите ќе возиме кинески автомобили
-

Во Франција денеска ќе бидат затворени повеќе од 400 средни училишта поради протести на учениците
-

86 кг храна годишно по жител завршуваат во отпад од македонските домаќинства - глобално пропаѓаат над милијарда оброци дневно
-

Посебен режим на сообраќај поради посетата на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен
