Трамп вели дека Путин сака договор повеќе од Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп не покажа подготвеност да изврши поголем притисок врз Русија поради војната во Украина и покрај критиките за неговиот неодамнешен пристап, наместо тоа сугерирајќи дека Украина мора да направи повеќе за да се постигне договор.
На новинарско прашање за руските напади врз енергетските објекти и покрај прекинот на огнот што самиот го објави, Трамп рече: „Па, ќе треба да го разгледам тоа и да видам, бидејќи имаше прекршувања од двете страни.“
Коментирајќи како планира да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да го почитува прекинот на огнот, Трамп изјави: „Мислам дека она што се случува е тоа што тој сака да направи договор, а ние мора да го натераме Зеленски да побара да се направи договор.“
Притиснат дополнително околу тоа зошто верува дека Путин е заинтересиран за договор и покрај континуираните напади врз Украина, Трамп повторно се воздржа од критика кон Кремљ, пренесе ДПА.
- Мислам дека тие ќе созреат за договор. Мислам дека всушност Путин сака да склучи договор повеќе од Зеленски - рече тој.
Зеленски претходно вчера ги повика САД да се осигураат дека Русија се придржува до прекинот на огнот најавен од Трамп, кој е ограничен на напади врз енергетски објекти.
- Очекуваме да видиме какви конкретни чекори се подготвени да преземат Американците - рече Зеленски во видеообраќањето до Варшавскиот безбедносен форум.
Зеленски рече дека Украина била изненадена од соопштението на Трамп на социјалните мрежи дека сите напади врз енергетската инфраструктура во војната ќе престанат веднаш.
- И веднаш по објавата, Русија изврши целосен напад врз електрична централа во Харков, предизвикувајќи дополнителна штета на нашиот енергетски систем - рече тој.
Украинскиот лидер истакна дека Киев е подготвен да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура доколку Русија го стори истото.
Тој рече дека украинските сили се воздржале од напади врз руските рафинерии за нафта во текот на ноќта како одговор на соопштението на Трамп.
Сепак, руски дронови на млазен погон вчераутро продолжиле да го напаѓаат Киев, рече Зеленски.
- Така што, засега, тоа е одговорот на Путин до Трамп: руски напади. Но ние чекаме, ги чекаме деталите од разговорите меѓу Американците и Русите - изјави Зеленски.
Трамп во изминатите денови во повеќе наврати предизвика негодување во Украина. По телефонскиот разговор со Путин, тој побара смена на Зеленски и објави договор за испорака на стотици илјади тони дизел од Русија.
Потегот предизвика остри критики од европските сојузници и во рамките на САД.
Повеќе американски сенатори, вклучувајќи и членови на Републиканската партија на Трамп, го критикуваа договорот за дизелот како незаконски, посочувајќи на забраната на Конгресот од 2022 година за увоз на руска енергија, која има за цел да ги спречи САД од финансирање на војната на Русија.
МИА
Ново на Сител
-

Изминатата седмица санкционирани 135 непрописно паркирани возила на територија на Општина Центар
-

Обид за нов рекорд во пештерата Врело: Спелеонуркачи ќе истражуваат длабочини над 300 метри
-

Санкционирани 128 возачи, од кои 102 за брзо возење во акциска контрола во Скопје
-

Нови напади во Црното Море: Потона брод кај Бугарија, Радев најави разговор со НАТО
-

Франција: Околу 200 училишта затворени поради протестите на средношколците
-

ММФ ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија на 3,5% за 2026 година
-

Трамп не верува дека Кина и Русија му помагаат на Иран
-

Асистенција и црвен картон за Елмас во победата на Аталанта над Венеција
