Трамп за досиејата Епстин: Немаме што да криеме, време е да се стави крај на измамата на демократите

Американските законодавци кои се обидуваат да го забрзаат објавувањето на досиејата поврзани со истрагата за сексуална трговија против финансиерот Џефри Епстин очекуваат голема победа во Претставничкиот дом оваа недела, откако „низа републиканци“ ја поддржаа примената на законот за декласификација, првично, спротивставувајќи се на раководство на Републиканската партија и на претседателот Доналд Трамп.
Сепак, претседателот Трамп во меѓувреме ја смени својата позиција и ги повика републиканците во Конгресот на САД да гласаат за објавување на досиејата, откажувајќи се од првичниот отпор кон таков чекор.
Законот ќе го принуди Министерството за правда да ги објави сите датотеки и комуникации поврзани со Епстин, како и каква било информација за истрагата за неговата смрт во федерален затвор. Информациите за неговите жртви, како и тековните федерални истраги, ќе можат да останат скриени.
– Имаме сто или повеќе гласови од републиканците, рече конгресменот од Републиканската партија Томас Маси. – Се надевам дека ќе обезбедиме мнозинство што не може да биде блокирано со вето кога овој предлог-закон ќе биде ставен на гласање, додаде тој.
Маси и демократот Ро Хана во јули поднесоа петиција за ослободување од одговорност за да обезбедат гласање за предлог-законот, инструмент што им овозможува на мнозинството членови да го заобиколат раководството на Домот и да издејствуваат гласање.
Ставот на Трамп дојде откако претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, претходно изјави дека според него, гласањето за објавување на документите на Министерството за правда во случајот Епстин би помогнало да се стави крај на тврдењата дека Трамп има некаква врска со насилникот.
„Републиканците во Домот треба да гласаат за откривање на досиејата на Епстин, бидејќи немаме што да криеме“, напиша Трамп на „Трут Соушл“.
„И време е да се заврши со оваа измама на демократите, извршена од радикални левичарски лудаци, за да се одвлече вниманието од големиот успех на Републиканската партија, вклучувајќи ја и нашата неодамнешна победа над предизвиканото од демократите ‘запирање на работата (на владата)’“, додаде тој.
Неодамна, нови документи покренаа нови прашања за Епстин и неговите соработници, вклучително и имејл од 2019 година што тој му го напишал на новинар во кој вели дека Трамп „знаел за девојките“. Белата куќа ги обвини демократите дека селективно објавиле имејлови за да го оцрнат републиканскиот претседател.
Иако Трамп и Епстин се во повеќе наврати фотографирани заедно пред децении, претседателот тврди дека двајцата се скарале пред да се појават обвиненијата против финансиерот.
Трамп, кој неодамна ги нарече досиејата на Епстин клеветничка кампања на демократите, потоа нареди Министерството за правда да ги истражи врските на истакнати демократи со покојниот финансиер.
Трамп никогаш не бил обвинет за кривично дело во врска со Епстин, кој се самоуби во затвор во 2019 година додека го чекаше судењето. Финансиерот имаше многу истакнати познаници во политичките кругови и меѓу славните личности, покрај Трамп.
МИА
Ново на Сител
-

Дожд се очекува утре, потоа следуваат сончеви денови
-

ФБИ со честитки до МВР за успешната акција против меѓународниот сајбер-криминал!
-

Пронајден е и санкциониран возачот кој „дрифташе“ во Штип
-

Трамп: Лицата кои оддаваат информации за воените операции на американската армија треба да бидат стрелани
-

Кривична пријава против полициски службеник - фалсификувал дарување крв
-

Мадуро денеска ќе се појави пред суд во САД по нови обвиненија за тортура
-

Муцунски: Иднината им припаѓа на државите што инвестираат во поврзаност, отпорност и партнерства
-

Маск сугерира дека американската влада е одговорна за ограничувањето на воената сателитска мрежа во Украина
