Македонија
10. February 2026 - 16:53

Транспаренси: Македонија без напредок во корупцијата, критики за неуспешни реформи во правосудството

Борбата против корупцијата во Македонија нема напредок. Иако на хартија земјава се искачува за четири позиции на Индексот за перцепција на корупцијата за 2025 година, суштински поместувања нема. Причината за повисокиот пласман не се реформи или посилни институции, туку тоа што четири држави биле полоши од нас во борбата со корупцијата. 

Македонија повторно има 40 поени, ист резултат како и лани и го дели 84-то место со Бугарија иако е членка на ЕУ, како и со Унгарија. Во регионот пак Косово и Црна Гора покажале дека подобро се справуваат со корупцијата отколку нашата земја, иако и тие не се дел од Унијата. Зад Македонија, остануваат Србија, но и Албанија. 

Извештајот укажува дека старите проблеми и натаму се нерешени, судството и обвинителството остануваат најслабите алки во системот. Дополнително, според Транспаренси Интернешнл, скандалот со поранешната претседателка на ДКСК сериозно ја разнишал довербата во институциите кои треба да бидат првата линија во борбата против корупцијата.

Последните скандали со судии, адвокати кои беа фатени со мито е само еден мал показател од тоа колку е корумпиран, особено правосудниот систем, вели претседателот на Транспаренси.  

Извештајот, во кој биле опфатени 182 држави, покажува дека борбата против корупцијата влегува во глобална криза. Проблемот повеќе не е ограничен само на земјите во развој, туку ги погодува и државите кои со години важеле за примери на добро владеење.

Меѓу нив се и САД, Франција, Шведска, како и други европски земји кои традиционално бележеа високи резултати во справувањето со корупцијата. И во овој извештај, како најспособни во оваа борба остануваат скандинавските држави.