Трет дрон соборен во романскиот воздушен простор, Букурешт ќе поднесе дипломатски протест до Москва

Романските воздухопловни сили собориле уште еден дрон што неавторизирано навлегол во воздушниот простор на Романија, соопшти денеска Министерството за национална одбрана. Станува збор за трет таков случај во последните три дена.
Дронот бил соборен во 10:13 часот од борбен авион „Ф-16“ над романските територијални води на Црното Море, на околу 12 километри североисточно од Сулина.
„Дронот беше безбедно уништен во националниот воздушен простор над територијалните води“, соопшти Министерството за национална одбрана.
Романскиот претседател, Никушор Дан, изјави дека земјата ќе поднесе дипломатски протест до Москва поради нарушувањето на воздушниот простор на Романија.
„Им честитам на романските пилоти и на копнените тимови за професионалноста, храброста и ефикасноста со која ги извршуваат своите мисии. Со своите активности тие придонесуваат за заштита на националната територија и безбедноста на граѓаните“, напиша Дан на Фејсбук.
Тој соопшти дека првиот дрон, соборен во петокот во југоисточниот округ Бузеу, бил од типот „Шахед“ што, според романските власти, го користат руските сили во кампањата против Украина.
„Според истрагата спроведена од Главното обвинителство, соборениот дрон во петокот наутро бил тип ‘Шахед’, користен од Руската Федерација во агресивната војна против Украина. Истрагите за соборените дронови вчера и денеска продолжуваат“, наведе романскиот претседател.
Тој оцени дека е „недозволиво и неприфатливо Руската Федерација да продолжи да го нарушува воздушниот простор на Романија, кој истовремено е воздушен простор на НАТО и Европската Унија“.
„Таквите дејствија се неприфатливи и кон нив се однесуваме со целосна сериозност, заедно со нашите сојузници“, додаде Дан.
МИА
Ново на Сител
-

Маж со нож повредил двајца туристи пред влезот на Акропол во Атина
-

Меси им кажал на соиграчите дека финалето на СП 2026 е неговиот последен натпревар за Аргентина
-

Силно невреме го погоди Стар Дојран, десетици дрвја на повеќе локации оштетија настрешници, возила, покрив
-

Индиската претседателка Друпади Мурму во официјална посета на Македонија
-

Обвинителство: Водата во Гостивар е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена, отворена истрага против три лица
-

САД воведуваат нови 50-процентни царини за дел од канадските производи, ескалира трговскиот спор со Канада
-

Литванија покрена постапка за укинување на уставната забрана за нуклеарно оружје
-

Нови американски воздушни напади врз Иран, погоден танкер во Ормуската Теснина
