Трет дрон соборен во романскиот воздушен простор, Букурешт ќе поднесе дипломатски протест до Москва

Романските воздухопловни сили собориле уште еден дрон што неавторизирано навлегол во воздушниот простор на Романија, соопшти денеска Министерството за национална одбрана. Станува збор за трет таков случај во последните три дена.
Дронот бил соборен во 10:13 часот од борбен авион „Ф-16“ над романските територијални води на Црното Море, на околу 12 километри североисточно од Сулина.
„Дронот беше безбедно уништен во националниот воздушен простор над територијалните води“, соопшти Министерството за национална одбрана.
Романскиот претседател, Никушор Дан, изјави дека земјата ќе поднесе дипломатски протест до Москва поради нарушувањето на воздушниот простор на Романија.
„Им честитам на романските пилоти и на копнените тимови за професионалноста, храброста и ефикасноста со која ги извршуваат своите мисии. Со своите активности тие придонесуваат за заштита на националната територија и безбедноста на граѓаните“, напиша Дан на Фејсбук.
Тој соопшти дека првиот дрон, соборен во петокот во југоисточниот округ Бузеу, бил од типот „Шахед“ што, според романските власти, го користат руските сили во кампањата против Украина.
„Според истрагата спроведена од Главното обвинителство, соборениот дрон во петокот наутро бил тип ‘Шахед’, користен од Руската Федерација во агресивната војна против Украина. Истрагите за соборените дронови вчера и денеска продолжуваат“, наведе романскиот претседател.
Тој оцени дека е „недозволиво и неприфатливо Руската Федерација да продолжи да го нарушува воздушниот простор на Романија, кој истовремено е воздушен простор на НАТО и Европската Унија“.
„Таквите дејствија се неприфатливи и кон нив се однесуваме со целосна сериозност, заедно со нашите сојузници“, додаде Дан.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски и Ивановиќ: Европската интеграција, реформите и новата авиолинија во фокусот на разговорите
-

Европратениците ги критикуваат новите овластувања на Фронтекс за надзор на социјалните мрежи
-

Мисајловски: Со реформата конечно го решивме прашањето на професионалните војници
-

Шест месеци до година за законско прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи, објасни министерот
-

Во Битола над старата касарна откриени и отстранети 1.700 рачни бомби од Првата светска војна
-

Илјадници пациенти плаќале за операции на очи кои веќе ги покрил Фондот: Осум лица приведени
-

„Одек низ времето“ – музичко патување низ епохите на класичната музика
-

Битолчанец излегол од затвор на отсуство, па повторно бил уапсен пошто поседувал различни видови дрога
