Три села во Општина Кривогаштани оставени 2 месеци без вода на пеколни горештини, никој не им помага
Во 21 век над 250 жители од селата Годивље, Кореница и Подвис, во општина Кривогаштани 2 месеци се оставени без капка вода на пеколни горештини иако се приклучени на регионалниот водовод Студенчица. Вода полнат во шишиња и буриња од селските чешми и бунари, а за да ги извршат основните хигиенски потреби често пати патуваат или до Прилеп или до Кривогаштани за да се искапат или исперат. Обвнинуваат дека водата ја запираат жители на селото Локвени во соседната Општина Долнени, кои со неа си ги наводнувале нивите. Обвинуваат дека тука не владее ниту ред, ниту закон, ниту полицијата преземала нешто.
„На диво се приклучени, царевки, бостани си вадат, тутун, и некогаш и по долови така течи водата некогаш, само ние да немаме вода овие 3 села. Градоначалникот од Долнени вика јас знам кај се троши водата, ама јас не смеам да отидам таму во Локвени ќе ме отепаат. Па дали има некоја власт, закони тука, што има да се плаши тој, тој треба со полиција да појди и да види каде и како се троши водата“, рече Алексо Прчикапоски, претседател на месна заедница село Годивље.
„Му оставивме еден водовод Ф50 цевка, ајде погоре направивме нов, 63-ка цевка, сега и на него се приклучија, и ние не знаеме кое чаре да го бараме“, додаде Киро Димоски, претседател на месна заедница село Подвис.
„И на главната цевка на нашиот водовод се уклучуваат за да имаат тие вода, а ние не. Одам синоќа во 12 на полноќ, нека ме казнат јас не се плашам, и ги најдов во главната цевка каде се поврзани приклучоците, за да нема ние Кореница и Годивље вода“, истакна Миле Пејоски, жител на село Подвис.
Вака било секое лето. Нормално водоснабдување добивале дури во октомври, а од мај на пролет започнувале повторно истите маки. Се плашат дека може да добијат и болести бидејќи водата која ја пијат од разни бунари не била испитана.
„Од чешмата селска полниме за пиење, а за капење и перење од бунари. Таа вода е нечиста, валкана, неиспитана. Каде ќе најдеме вода полниме од бунарите“, кажа Фросина Крстеска, жителка на село Годивље.
„Мака мачиме, полниме од бунари, непроверени за употреба“, рече Летка Темелкоска, жителка на село Годивље.
Од Општина Кривогаштани велат дека иако испратиле барања до Општина Долнени да се проверат овие тврдења од таму добивале одговоро дека немало кражби на вода, а од Општина Долнени не успеавме да добиеме одговор на овие обвинувања.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар