Тркалезна маса за можноста за воведување уставна жалба

Подигнување на свеста и поттикнување суштински институционален дијалог за можните уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна жалба, како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд, е целта на денешната тркалезна маса насловена „Воведување на уставна жалба?“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Како што информираат организаторите, тркалезната маса ќе обезбеди платформа на високо ниво за размена на мислења меѓу претставници на институции, експерти и други засегнати страни во правниот сектор.
На тркалезната маса се предвидени воведни излагања од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал.
Предвидено е да се одржи и прес-конференција на претседателите на Уставниот суд и на Владата, како и презентација на наодите од „Анализата за уставната жалба“, подготвена од експертски тим ангажиран во рамки на проектот финансиран од Европската Унија. Во таа насока ќе се обрати раководителот на тимот, Карстен Манке, заедно со правен експерт.
Дополнително, предвидени се излагања и стручни согледувања на темата од претставници на академската и научната правна јавност, меѓу кои професорите Тања Каракамишева-Јовановска и Јетон Шасивари.
На настанот, експертите од проектот ќе ги презентираат клучните наоди и препораки, кои отвораат простор за детална дискусија околу можноста за проширување на опфатот на правата што се штитат пред Уставниот суд, главните карактеристики на потенцијалните модели за реформи, европските искуства и нивната применливост во домашната правна рамка.
Анализата е целосно усогласена со приоритетите утврдени во Стратегијата за развој на правосудниот сектор 2024–2028, за што организаторите нагласуваат дека претставува важен чекор кон унапредување на владеењето на правото и зајакнување на заштитата на човековите права во земјата.
Настанот се организирана во рамки на проектот со финансиска поддршка на ЕУ: „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“.
МИА
Ново на Сител
-

Украинската војска тврди дека Русија ја засилила офанзивата, но не успева да ги изврши задачите
-

38-годишник од Василево физички нападнал полицаец и тешко го повредил
-

Вработена во банка во Тетово присвоила 39.000 евра кои требало да ги стави на сметка на корисник
-

Фудбалски тренер од Куманово нападнат од малолетник од неговиот клуб и неговиот татко
-

Научниците предупредуваат: Сателитски податоци открија сериозен проблем - целата планета е загрозена
-

Мицкоски најави реконструкција на Владата во мај или јуни
-

Просечната нето-плата во јануари 46 617 денари
-

Секое петто боледување во МВР е неуредно или неправилно
