Уапсен напаѓачот на бугарската амбасада
Полицијата го уапси лицето кое вчера го скрши стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Според неофицијалните информации, тој не е од македонска националност. На видеото од безбедносните камери, се гледа како тој се упатува кон влезот на амбасадата, замавнува со раката кон стаклото, го крши и заминува.
Бугарските власти со остра реакција. Институциите во Македонија се пасивни, па затоа се поттикнува и говорот на омраза кон Бугарија. Бугарското МНР бара да се гарантира безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва.
-Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост дека ваквиот дрзок чин е резултат на систематскиот недостиг од реакција на надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски акти врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.
Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнуван говор на омраза кон Бугарија и Бугарите во нашата соседна држава, создаде средина во која ваквите криминални дејствија се охрабруваат и ескалираат, соопштија од бугарското МНР.
И амбасадорот на Бугарија во Скопје, за бугарските медиуми го осуди настанот како недозволив атак врз дипломатската мисија. Според Радуков, неказнивоста на делата против бугарската заедница само ги охрабрува извршителите за нови напади, како и изминативе години кога имало напади врз Бугари, пукање и напад со секира, а за нив или немало судска постапка или казните биле мали.
„Не сум сигурен дали нападот е резултат на последната ескалација на говорот на омраза и манипулацијата со вистината, дипломатски кажано, по темата Бугарија која трае веќе со децении. Ова дејство го проширува кругот на потенцијални извршители на вакви напади. Дали лицето се почувствувало охрабрено од таквиот говор во последните недели или и претходно – во овој случај е ирелевантно. Проблемот е што бројот на луѓе како него постојано се зголемува токму како резултат на ваквиот целно создаван наратив“, изјави бугарскиот дипломат.
И македонскиот министер за надворешни работи, Муцунски го осуди инцидентот кој според него е изолиран настан, без огромна материјална штета. Институциите работат брзо и ефикасно, вели тој.
Последниот регистриран случај на напад врз бугарски државјанин во Македонија беше инцидентот со 80 годишниот новинар и активист Владо Перев во центарот на Скопје, кога, според неговото сведоштво, бил физички нападнат, а притоа бил навредуван на национална основа со пораки дека Бугарите треба да си одат во Бугарија, како и со закани по неговиот живот.
И тогаш, бугарските власти остро реагираа, оценувајќи го инцидентот како чин на насилство од омраза и побараа ефикасна истрага и санкционирање на сторителот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
