Македонија
5. August 2025 - 21:17

Убиство во психијатриската болница Бардовци

Тепачка во психијатриската болница Бардовци заврши фатално. Двајца пациенти се пресметале доцна синоќа во една од собите, каде што се лекувале со изречена судска мерка за Задолжително лекување и чување во здравствена установа.

Ситуацијата ескалирала, откако 35-годишникот со стаклено шише го удрал повеќепати 62-годишниот пациент, кој по ударите паднал во безсознание.

Дежурните лекари веднаш повикале ИМП и бил пренесен во комплекс клиники Мајка Тереза. Но, и покрај обидите за реанимација, докторите не успеале да го спасат.

На местото на настанот била и полицијата.

„На 05.08.2025 во 01:38 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 00.50 часот во Јавната здравствена установа „Психијатриска болница Скопје “ во Бардовци, во соба на судскиот оддел, настанала физичка пресметка помеѓу осудениците Д.С.(35) од Неготино и И.Т.(62) од с.Љубанци, скопско. Притоа, од ударите со стаклено шише И.С. паднал во бесознание, по што бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што во 02.20 часот починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. 35-годишниот неготинчанец е осудено лице за убиство, а сега починатото лице бил осудуван за кривично дело семејно насилство. По наредба на јавен обвинител пациентот Д.С. останува под полициски надзор. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, појаснуваат од полицијата.

За фаталната тепачка писмено се огласија и од психијатриската Болница.

„Пациентот Д.С. е на Одделот за лекување на осудени лица при болницата, под надзор на полициски службеници по усмена наредба на дежурниот Јавен обвинител“, појаснуваат од психијатриската болница.

Потребен е силен безбедносен надзор за пациенти кои веќе извршиле тешки кривични дела, а се наоѓаат на лекување алармира стручната фела. Тешко е да се предвиди дека би се случил ваков инцидент, велат тие, но состојбата мора будно да се следи.

Сега веќе пензионираниот народен правобранител Зибери, кога направи ненајавена посета во психијатриските болници и затвори низ државата презентираше загрижувачки состојби. Во извештајот пред јавноста тогаш презентираше во Скопје наишол на недостаток на хигиена, насилство и несоодветно постапување.