Удавен добиток, поплави, уништени земјоделски посеви - обилните дождови предизвикаа сериозни штети во Струмичко
Удавен добиток, поплавени домови и уништени земјоделски посеви – силниот дожд вчера направи сериозни штети во струмичко. Жителите денеска ги санираат последиците од обилните врнежи кои предизвикаа нагло зголемување на водостојот на реките.
Tркањска река се излеа од своето корито кај селата Сачево и Муртино. Поплавени се дворови, земјоделско земјиште и пластеници. Мештаните со пумпи ја извлекуваат водата, но велат дека проблемот е хроничен – одводните канали не се чистени со години, што секој поголем дожд го претвора во ризик од поплави.
Екипи на ЈП „Комуналец“ од Струмица денеска интервенираат на критичните точки со булдожери, багери и камиони со песок. Од претпријатието информираат дека дел од каналите во Муртино не биле чистени од 2013 година, што значително ја отежнало состојбата.
Голема штета е пријавена и во струмичко Костурино, каде надојдената вода од Тркањска Река за помалку од десет минути однела 120 јагниња и околу 100 овци од шталата на сточарот Никола Колев. Водата влечела сè пред себе, а шталата останала целосно поплавена.
Колкава ќе биде вкупната штета кај земјоделците допрва ќе се утврдува, откако состојбата ќе се стабилизира. Според податоците од УХМР во Струмица наврнале околу 20 литри дожд на метар квадратен.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
