Македонија
13. January 2026 - 16:39

Угостителите не кажуваат какви забелешки имаат за новиот закон за заштита од пушење

Угостителите се уште не ја кажуваат својата страна за предложениот нов закон за заштита од пушење. Документот од 16 страници е објавен на интернет од саботата и е отворен за коментари.

- Во однос на новите предлог мерки за пушење, ние како туристичко-угостителска комора заедно со нашите членки деновиве градиме став во врска со новите предлог решенија. Во најкраток можен рок ќе излеземе со свои предлози, размислувања и барања – вели претседателот на туристичко угостителската комора при ССКМ, Аркан Керим.

Еден од угостителите ни рече дека ќе имаат средба со владини претставници утре или задутре, но од Владата за Сител велат дека до овој момент нема пристигнато барање за таква средба. 

Државниот советник во министерството за здравство, Никола Грпчевски, во гостување на Сител рече дека кај угостителските објекти нема големи разлики со оглед на тоа што и сега е дозволено пушење на терасите. Новиот закон само појасно дефинирал што значи „тераса“. Според него, забраната за пушење нема да значи помалку гости. 

- Европските искуства покажуваат дека после одредено време и нови гости доаѓаат во овие објекти кои се зони без чад или добро вентилирани зони. Исто така, обврска на Министерството за здравство е да ги заштити и угостителските работници кои се по цела смена изложени на тој чад што е навистина недозволено – кажа Грпчевски.

Според предложеното, во рестораните и кафулињата ќе биде дозволено пушење само на терасите ако се отворени од 3 страни, а не како досега застаклени или преградени со фолии. Казните за непочитување се движат од две до пет илјади евра.

Првиот закон за заштита од пушење во Македонија е донесен во 1995 година и оттогаш е изменуван десетина пати. Во 2010-та пушењето беше целосно забрането во сите угостителски објекти, но во март 2018-та пратениците на предлог на СДСМ по скратена постапка го ублажија законот и дозволија да се пуши на терасите. По измените угостителските објекти со метални конструкции си направија „тераси“ споени со внатрешниот дел, па кога се пушат цигари цел простор е исполнет со чад.

Новиот закон треба да важи од први март.