УЈП проверува приливи од странство за 2021 година, испратени персонализирани известувања до граѓаните

Управата за јавни приходи (УЈП) преку соопштение до медиумите информира дека во изминатиот период започнала со проверка на податоците добиени од банките за приливите од странство што граѓаните ги оствариле во текот на 2021 година.
Во таа насока, УЈП доставила персонализирани известувања до физичките лица – резиденти на Република Северна Македонија за кои имала податоци дека оствариле доход од странство, повикувајќи ги во определениот рок да ги исполнат своите законски даночни обврски.
Од Управата посочуваат дека во текот на годината во неколку наврати преку медиумите и јавните известувања ги повикувале граѓаните да ги исполнат даночните обврски за претходните години, при што биле дадени и соодветни насоки и појаснувања.
Сега, како што наведуваат, на лицата за кои располагаат со податоци им се испратени персонализирани известувања со конкретен рок за постапување.
Доколку даночните обврски не бидат исполнети доброволно, УЈП ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.
Од Управата појаснуваат дека не секој прилив од странство подлежи на оданочување во Македонија, па затоа не секој граѓанин што добил известување за остварен доход од странство има обврска да поднесе електронска пресметка на аконтацијата на данокот (е-ППД).
Обврската за пријавување се однесува на физичките лица кои оствариле доход од странство што подлежи на оданочување согласно Законот за данокот на личен доход.
Во оваа категорија спаѓаат приходите од работа, вклучително и плати, хонорари, интелектуални услуги и фриленс-активности, како и доходот од закуп, вклучително и оној остварен преку платформи како Airbnb и Booking.com.
Обврската може да се однесува и на капиталните добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, доходот од капитал, како што се дивидендите и каматите, приходите од авторски права, добивките од игри на среќа, како и другите видови доход што подлежат на оданочување согласно законските прописи.
Од друга страна, приливите од странство примени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или преку сервиси за трансфер на пари, како што се Western Union, Ria и MoneyGram, не се сметаат автоматски за оданочив доход само затоа што се добиени од странство.
Даночниот третман зависи од вистинската основа на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување според законските одредби.
Поради тоа, кога е потребно, физичките лица треба да располагаат со соодветни докази со кои ќе ја потврдат основата на примените средства.
УЈП апелира до сите физички лица кои примиле приливи од странство да ја проверат својата даночна обврска и, доколку постои таква обврска, навремено да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот (е-ППД) и да го уплатат утврдениот износ.
На овој начин, граѓаните ќе ги почитуваат законските прописи и ќе ја избегнат можноста за поведување евентуални прекршочни или даночни постапки.
Ново на Сител
-

Мицкоски од Брвеница: Довербата се гради со одговорна работа и конкретни проекти
-

Ноќеска часовниците ги враќаме еден час назад - почнува зимското сметање на времето
-

Кривична пријава против две лица поради нелегален транспорт на дрва
-

Во гостиварско приведени четири лица откако биле затекнати како вршат нелегален ископ за пронаоѓање злато
-

Приведени повеќе лица за нарушување јавен рeд и мир со меѓусебна физичка пресметка, употребиле стаклен предмет
-

19-годишниот Македонец кај кого биле пронајдени фалсификувани 98.500 евра останува во притвор во Бугарија
-

Нафтата денес на светските пазари достигна највисока цена во последните пет месеци
-

Денеска се одбележува Денот на ОН
