Loading Video...
Свет
10. April 2026 - 16:38

Унгарија пред политички крстопат – сè е подготвено за изборите в недела

Унгарија на политичка крстосница. Гласачите в недела за првпат по 16 години имаат шанса да направат промена на власта во државата чијшто лидер, Виктор Орбан и неговата ФИДЕЗ најдолго раководат со една земја-членка на ЕУ.

Државните анкети покажуваат предност на ФИДЕЗ, но независните и меѓународните покажуваат предност на ТИСА - партија формирана во 2020, но која доби екпоненционален раст откако на чело на оваа центристичк-десничарска партија застана Петер Маѓар - поранешен функционер на ФИДЕЗ кој во 2024 му го заврте грбот на Орбан.

Мерењето на јавното мислење на Политико покажува дека ТИСА има поддршка од 49% од гласачите, додека поддршката на ФИДЕЗ е „стопена“ на 39%.

Овие резултати од анкетите го вклучија алармот кај Орбан, кој веќе доби поддршка од американскиот вицепретседател Џеј Ди Венс. Во денешно обраќање до нацијата обвини дека опозицијата соработува со странски служби за да го симне од власт.

-Нашите противници нема да запрат пред ништо за да ја преземат власта. Тие се договараат со странски тајни служби, им се закануваат на нашите следбеници со насилство и повикуваат на изборни измами со измислени обвинувања дури и пред изборите. Тие организираат демонстрации и хаос дури и пред да бидат пребројани вашите гласови. Да зборуваме јасно! Ова е организиран обид да се доведе во прашање одлуката на унгарскиот народ преку хаос, притисок и меѓународна дискредитација, вели Орбан.

Унгарските гласачи се поделени. Поддржувачите на ТИСА сакаат поблиски врски со Брисел.

Не знам, не сакам да бидам дел од руската влада. Ми се допаѓа Европа, сакам да бидам, не знам, да бидам дел од заедница.

Оние кои го поддржуваат Орбан, пак, сакаат стабилност и безбедност.

Станува збор за избор дали ќе останеме Унгарци во Унгарија или ќе се интегрираме во ЕУ, која е во процес на распаѓање, па затоа нема да биде трајна работа, но во моментов изгледа така. А ако и Украина влезе во ЕУ, тоа би бил многу голем проблем.

Ова не се само избори за иднината на Унгарија, ова се избори и иднината на регионот, но и на Европската Унија. Во регионална смисла, Орбан тесен соработник и на српскиот претседател Александар Вучиќ, но и актуелната власт во Македонија.

Од друга страна, Орбан е најголемиот критичар и кочничар на интеграцијата и евентуалниот влез на Украина во ЕУ. Токму ова ги прави овие избори важни и за Брисел, но и за Скопје и Белград, но и за останатите земји од регионот.

Доколку ТИСА успее да „го бутне“ Орбан од власт, експертите очекуваат затоплување на односите со Брисел, но тоа нема да значи целосна промена на тоа како Будимпешта гледа кон Унијата.

Не очекувам промена од 180 степени во однос на односите со ЕУ, но можеме да видиме поконструктивен однос со Брисел, особено затоа што тој (Петер Маѓар) веќе рече дека неговото патување прво ќе биде во Варшава, потоа во Виена, а потоа во Брисел. А во Брисел, најголемото прашање ќе бидат прашањата околу замрзнатите фондови на ЕУ. Мислам дека може, ќе ги исполни условите за владеење на правото, бидејќи тие првенствено се фокусирани на поефикасно работење на јавните набавки и поефикасни мерки против корупцијата.

Евентуалниот пад на Орбан би имал тектонско значење врз регионот. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во колумна за Дојче Веле, вели тоа би можело суштински да го смени дискурсот на Брисел кон Белград. Но вели, нема да има големи последици кон Македонија, бидејќи, како што вели, ние сме фуснота во регионалната политика.