Ургентниот центар во Кичево два часа останал без струја поради зголемена потрошувачка
Два часа Ургентниот Центар и неколку ординации на матични во општата болница Кичево останаа без струја. Поради зголемена потрошувачка на електрична енергија дошло до дефект и овој дел од болницата останал во мрак што може да се забележи и на видеото објавено на социјалните мрежи. Директорот на установата вели дека проблемот настанал вчера околу 15 часот, но додека стручните служби да ги променат прегорените осигурувачи веќе се стемнило.
-Имаше дефект во сандачето за електрична енергија и прекинот траеше околу 2 часа, но потоа проблемот се санираше и овој дел од болницата продолжи нормално да си работи, изјави д-р Станко Трпески, директор на Општа болница Кичево.
Директорот уверува дека додека во Ургентниот немало струја не бил вратен ниту еден пациент.
-Сите пациенти беа преземени од интерниот дел при општата болница и беа третирани, апсолутно немаше вратено пациент, додаде д-р Трпески.
Инаку и здравствените установи треба да штедат електрична енергија, но само во делот кој нема да им направи штета на пациентите.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар