Условна осуда за тројцата полицајци од Кочани обвинети за неизвршување службена должност

Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба сите тројцата полицајци од Кочани и на Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна затвор од една година, а на командирот на ПС Кочани Александар Темелков - условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во период од четири години не стори ново кривично дело.
На објавата на првостепената пресуда во Кривичниот суд денеска не присуствуваше ниту еден од обвинетите и нивните бранители.
Судијката Лидија Петровска, во образложението на пресудата рече дека Судот ги ценел како олеснителни околности, тоа што обвинетите не се осудувани претходно, се семејни луѓе, како и тоа што нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици што би можеле да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.
- Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување што не води кон резултат не претставува извршување на должноста, туку нејзино неизвршување. Како последица на ваквото постапување, не била поведена прекршочна постапка против носителот на дејноста и одговорното лице, со што им била овозможена некаква имотна корист во вид на неповедување на прекршочната постапка. Помеѓу неизвршувањето на службената должност од страна на обвинетите и оваа последица постои причинско-последична врска - изјави судијката.
Кога службеното лице, нагласи таа, постапува површно, без целосно утврдување на фактите и без да ја постигне законската цел на постапувањето, тоа не е технички пропуст, туку неизвршување на службената должност.
-Кога службеното овластување се сведува на форма без содржина, правната заштита станува привид, а одговорноста е изиграна. Површното извршување на службената должност создава впечаток дека некои субјекти се „недопирливи“ и се надвор од дофатот на законот. Во правна држава тоа не смее да постои - нагласи Петровска.
По однос на обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, кои како службени лица, согласно анекс-плановите од 05.10.2023 година и 24.11.2023 година, биле задолжителни за спроведување на контролите во угостителските објекти, меѓу кои и во дискотеката „Пулс“, Судот утврдил дека обвинетите постапиле спротивно на јасно пропишани обврски.
-Иако констатирале прекршок, тие не утврдиле кое правно лице ја врши дејноста, ниту кој е одговорното лице во тоа правно лице, бидејќи не извршиле увид во соодветна документација. И покрај тоа, во записниците внеле податоци што не произлегуваат од официјален документ, повикувајќи се на „општо познат факт дека лицето Дејан Јованов е сопственик на дискотеката“. Поради таквиот пристап обвинетите ја насочиле постапка кон правен субјект кој во моментот не ја вршел дејноста и бил неактивен - објасни судијката.
По однос на обвинетиот Александар Темелков кој бил командир на полициската станица Кочани, од изведените докази, судот утврдил дека тој располагал со податок и имал претходни сознанија за тоа кое правно лице ја врши дејноста, бидејќи претходно упатил барање до Министерството за економија и му биле доставени и старата и новата лиценца од кои документи можело лесно да се утврди кое правно лице е носител на лиценцата, па врз основа на тоа да се прибави и тековната состојба за субјектот кој ја обавувал дејноста.
-Но и покрај тоа обвинетиот Александар одобрил поведување постапка против правен субјект кој во моментот на контролата не ја вршел дејноста, односно барањата не се поднесени према правното лице ДПТУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов - образложи судијката.
Обвинетите, исто така, се задолжуваат секој поединечно да ги надоместат судските трошоци на постапката во износ од по 7.000 денари.
Против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.
Во завршните обраќања јавниот обвинител, Спасенка Андонова, побара осудителна пресуда поради неизвршување на службената должност, а одбраната побара ослободување на обвинетите оценувајќи дека вината не е докажана.
МИА
Ново на Сител
-

Етна повторно исфрла пепел, илјадници туристи блокирани на Сицилија
-

МВР и Фондот за здравствено осигурување: Надминат проблемот со здравственото осигурување на вработените
-

Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието
-

Пронајден револвер со куршуми во скопско, лишено од слобода едно лице
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци
-

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителство, едно семејство со хумана одлука спаси два живота
-

ЦУК: Активни два пожара на отворен простор, изгаснати 12 до 18 часот
-

Ѓорѓиевски: Скопје има безбедна вода за пиење
