Успение на Пресвета Богородица - стотици верници со собраа во манастирот кај Матка
Православните верници денеска го слават празникот Успение на Пресвета Богородица. Стотици граѓани и годинава се собраа во манастирот кај Матка, каде се одржа света божествена литургија. Со силна духовна порака и повик за искрена вера, отец Константин им се обрати на верниците.
„Не треба да бараме утеха во какви било материјални нешта како што прават нехристијаните. Тоа значи да не го приврзуваме своето срце кон смртните луѓе и да не бараме спасение од нив, како што тоа го прават неразумните. Да сфатиме дека нема да имаме никаква корист од тоа ако секојдневно го посетуваме Светиот Храм, а срцето наше сме го заборавиле надвор од Храмот. Нема да имаме никаква корист од тоа ако секојдневно ги слушаме светите богослужби, а се уште извршуваме дела спротивни на божјата правда. Нема да имаме никаква корист ниту од нашите добри дела ако за нив бараме награда овде на земјата. Ако за своите дела бараме и добиваме награди тука, тогаш да се запрашаме дали ќе ја добиеме наградата во Царството Небесно“ - отец Константин
Со запалена свеќа, граѓаните се помолија за здравје и благосостојба.
На празникот му претходи 14 дневен пост, па по литургијата се одржа чинот на причест.
Во духот на хуманоста, во дворот на манастирот традиционално се одржа и крводарителска акција. Меѓу доброволците беше и Димче Филипов, кој досега има дарувано крв дури 82 пати.
Богородица важи за заштитничка на жените, мајките, леунките, рударите, но и на градот Скопје.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар