Македонија
24. January 2026 - 13:03

Уставниот суд поведе постапка за забраната на извршување врз предмети и права на државни органи

Уставниот суд на Република Северна Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и создава правна непредвидливост во спроведувањето на извршните постапки. Судот оцени дека постои основано прашање дали со оспорените законски решенија се ограничува можноста за ефективно остварување на паричните побарувања кон државните органи, општините и јавните претпријатија, што може да доведе до повреда на уставно загарантираните права.

Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на државата, општините и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност. Дополнително, претседателот на надлежниот суд може да утврди кои предмети се неопходни доколку странките не се согласат.

- Член 218 - (1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. (2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба, гласи членот.

Судот смета дека одредбата е нејасна и непрецизна, бидејќи не утврдува кои предмети и права се сметаат за неопходни.

-Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, стои во соопштението од Уставен.

Според судиите, ваквата формулација може да ја направи извршната постапка практично невозможна, со што правосилните пресуди остануваат само на хартија.

Од Уставен велат дека е проблематичен и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на судот да одлучува што е неопходно за работа на должникот. Уставниот суд оцени дека овој став не може да опстои самостојно ако првиот дел од членот падне.

-Судот смета дека став 2 кој се надоврзува на став 1 сам по себе не може да опстои во правниот поредок без став 1. Покрај тоа, основано се постави прашањето за неговата содржина, според која  претседателот на Судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, да има дискреционо право да одлучи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста, дополнуваат оттаму.

Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот. Воедно, како што велат оттаму, пред Судот основано се поставило и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот. 

Иницијативата за поведување постапка е поднесена од Николче Митевски, кој го оспорува првиот став. Но, врз основа на расправата, Судот одлучил по службена должност да отвори постапка и за вториот став.

Во иницијативата бил посочен и пример на работник во комунално претпријатие кој добил правосилна пресуда за неисплатени пензиски придонеси, но не можел да наплати поради ограничувањата од членот 218.

Уставниот суд најави дека при носењето на конечната одлука ќе ги земе предвид последиците што евентуалното укинување би ги имало врз државните институции и јавните претпријатија кои се предмет на извршни постапки.

-При носењето на оваа одредба  Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката, велат од Уставен суд.

Постапката била поведена на првата седница на Уставен суд одржана на 21 јануари 2026.

МИА

Ново на Сител