Утре нов обид за договор на пратениците за Изборниот законик
И покрај најавите за денеска, пропадна обидот пратениците да ги испеглаат разликите за Изборниот законик. Утре на нова координација уште еднаш на маса ќе ги стават своите позиции и понуди во обид да постигнат компромис. Сите страни кои се дел од процесот не отстапуваат од кажаното - власта е подготвена за компромис но само ако се дозволи електронско гласање на дијаспората , за опозицијата токму ова е главниот камен на сопнување, но и финансирањето во кампања и бројот на изборни единици.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинари ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да ги надминат различните ставови и да постигнат компромис за Изборниот законик. За него прифатливо е електронското гласање на дијаспората.
Без консензус не можеме да го донесеме Изборниот законик. Ги повикувам уште еднаш на договор и компромис, да разговараат и да дојдеме до заедничко решение. Јас сум за гласање на дијаспората преку електронско гласање, дури сум за тоа и кај нас да се овозможи тоа. Во процесот на гласање е битно да се потврди идентификација и да се обезбеди тајноста. Ако ги обезбедиме овие елементи и имаме сигурност не гледам зошто не би се гласало, вели Гаши.
Партиските штабови ја продолжуваат реториката со меѓусебни обвинувања. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Изборниот законик треба да биде донесен со широк политички консензус, но со обезбедување на можност македонската дијаспора да го оствари своето право на глас по електронски пат и по пошта.
Опозицијата обвинува дека предлогот за гласањето на дијаспората по пошта е нов обид за манипулација на Мицкоски и ВМРО. Велат СДСМ не е против дијаспората да гласа, бидејќи таа и сега гласа, туку ова е уште една од лагите на власта.
Комисиската расправа во матичното работно тело е блокирана со над 13 илјади амандмани од СДСМ и Левица. Собраниските служби работат на предвод на амандманите но кога комисијата ќе продолжи со работа засега е неизвесно.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
