Македонија
30. January 2026 - 16:36

Утре нов протест за дислокација на Усје, од цементарницата тврдат дека работат според Закон

Нов протест за чист воздух. Од Иницијативата Стоп за Усје утре на пладне повторно излегуваат на улица да го искажат својот револт за дислокација на цементарницата. Овојпат бараат помош и од институциите. Го повикаа Министерството за животна средина да интервенира, во период кога цементарницата треба да отпочне дозвола за продолжување на А еколошката дозвола. 

„Утре, на 31 јануари, ние како иницијатива „Стоп за Усје“ организираме протестен марш, од пред Владата, кон Собранието, до Министерството за животна средина и просторно планирање, како три институции кои се одговорни за законите и правилата во земјава. Сега, кога Усје е пред барање на нова дозвола, многу лесно може да се вметнат барањата на граѓаните, секако, доколку здравјето на граѓаните е поважно од бизнис интересите“, изјави Александар Тодевски, од иницијативата Стоп за Усје. 

Од компанијата возвраќаат дека повеќе од еден месец се цел како што велат, на неосновани напади. 

„Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје. Загадувањето во Скопје беше високо и во изминатиот период кога ТИТАН Усје воопшто не работеше“, стои во реакцијата на фабриката. 

Во меѓувреме, Хоџа кој во министерската фотелја седна пред околу еден месец на денешниот брифинг со новинарите кажа дека приротет во мандатот ќе му биде Скопје да го тргне од листата на најзагадени градови, но без да прецизира кога тоа би се случило. 

„Во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, од септември 2027 стапува на сила веќе усвоениот Закон за контрола на емисиите, кој ќе воведе построги стандарди за индустријата, јакнење на надзорните капацитети за контрола на Министерството“, кажа Хоџа пред новинарите.

Законот за контрола на емисиите беше усвоен лани во септември, ама ЕУ ни даде период на адаптација од две години. Дозволата на Титан Усје истекува во 2027-ма, но годинава во март мора да ја почнат постапката за барање на нова, А интегрирана, за да може цементарницата да продолжи со работа. Беса Татеши од Секторот за индустриско загадување во ресорното министерство пред новинарите кажа дека сите барања за дозволи кои доаѓаат и во периодот на адаптација на Законот за контрола на емисиите, вклучувајќи ја и онаа на Усје, ќе подлежат на поригорозните правила кои ги носи овој закон.  

А интегрирана дозвола на фирма може да се одземе по три кривични прекршоци, но со нивна докажана вина на суд. Усје е една од 40-те фирми со А интегрирана дозвола во Скопје, или дел од вкупно 120 во државата, согласно регистарот што го води Управата за животна средина.