Бизнис
19. July 2026 - 16:32

Утре средба за маржите на храната, РКЕ ќе носи цени на горивата, Собранието ќе гласа кризна состојба

Продажните и набавните цени на основните производи ќе бидат во фокусот на состанокот што за утре го закажа министерот за економија Дурмиши со производителите и дистрибутерите.

Новата рунда разговори следува по контролите на Пазарниот инспекторат, кои покажале дека од мај лани до мај годинава набавните цени на прехранбените производи и средствата за хигиена пораснале во просек за 2,6 проценти, додека продажните цени се зголемиле за 4,5 проценти.

Според Дурмиши, токму оваа разлика покажува дека дел од трговците ги зголемиле профитните маржи, односно не ги поевтиниле производите дури и кога набавните цени паднале.

Но, последната анализа за периодот март – јуни покажува поинаква слика. Набавните цени пораснале за околу два проценти, додека на рафтовите зголемувањето било само 0,16 проценти, што според министерот е знак за стабилизација.

Додека се бара решение за цените на храната, ново поскапување се очекува кај горивата. Регулаторната комисија утре ќе ги објави новите цени, а премиерот Мицкоски вчера најави дека ќе има зголемување. Како причина ги посочи повисоките цени на нафтата на светските берзи и посилниот долар, но најави дека Владата повторно ќе интервенира преку намалување на акцизите.

Од СДСМ реагираат дека мерката е задоцнета. Од таму велат дека се е поскапено, а новото покачување на цените на горивата ќе донесат и нов бран поскапувања на храната.

Предлагавме намалување на ДДВ за храната, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, намалување на акцизите, замрзнување на маржите, зголемување на минималната плата на 600 евра и системски мерки за заштита на куповната моќ. Сите овие предлози, Мицкоски и неговата Влада ги одбија. Едноставно не ги слушаат барањата и потребите на граѓаните - не им се приоритет“, кажа Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека СДСМ ја оставиле државата на раб на банкрот, со ограбени институции и осиромашени граѓани.

Залудни се хистеричните обиди на СДС за креирање страв, паника и неизвесност кај граѓаните. Прес-конференциите на СДС за создавање хистерија за наводни ценовни шокови, скапотија, банкрот на државата веќе никој не ги слуша. Две години по ред викаат дека државата е во финансиски колапс и само што не банкротирала, но еве две години по ред Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува како се консолидира економијата со континуиран раст на БДП од 3 или над 3%“, стои во реакцијата.

Енергетската состојба ќе биде тема и во Собранието.

Пратениците утре по скратена постапка ќе гласаат за владината предлог-одлука за продолжување на кризната состоба до 20 октомври. Како причина се наведени се уште присутните ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

За ублажување на ценовниот шок, освен намалување на акцизите, Владата го спушти и ДДВ-то на горивата од 18 на 10%. Мерките беа во сила до средината на јуни.