Македонија
20. May 2026 - 21:05

Утре во 11 часот собраниска седница за заемот од 260 милиони евра

Во 11 часот утре претпладне ќе продолжи собраниската комисија за финасирање и буџет за задолжувањето од 260 милиони евра. Според информации на Сител, седницата ќе ја закаже собранискиот спикер Гаши уште рано наутро, а во материјалите, овластување да ја води ќе има пратеникот Бојан Стојаноски. Ова доаѓа откако ниту вечерва претседателката на комисијата Сања Лукаревска од опозициската СДСМ не закажа продолжение на седницата. Таа во изјава за Сител вели дека тие не ја блокираат работата, и како што вели, членовите и замениците на комисијата ќе ги извести кога комисијата ќе продолжи со работа.

Од Власта пак во уште текот на денот најавија дека ќе побараат седницата да ја закаже собранискиот спикер Гаши.

Ваквата деловничка можност ја овозможува собранискиот деловник според кој, „Седница на работното тело свикува претседателот на работното тело. Претседателот свикува седница и ако тоа го побара претседателот на Собранието или најмалку една третина од членовите на телото, кои треба да достават материјал за прашањето што предлагаат да се стави на дневен ред на седницата.

Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното тело што ќе го определи претседателот на Собранието до завршување на седницата“.

Дел од политичките аналитичари, сметаат дека ваквиот начин на закажување седници, може да прерасне во редовна пракса.

„Од филибастерингот зависи како ќе го третира законодовецот, ако го третира како блокада, тогаш мислам дека вакви пракси ќе имаме почесто. Или пак, ќе седнат партиите, ќе се договорат дека е тоа составен дел на собраниската работа. Засега, бидејќи таа можност постои во Деловникот, мислам дека повеќе партии ќе ја користат“, изјави Петар Арсовски, политички аналитичар.

Според објаснувањето на Министерството за финансии, заемот се зема за вложувања во капитални инвестиции и сервисирање на обврски од буџетот. Опозициските СДСМ и Левица пак обвинуваат дека задолжувањето не е евтин кредит, а парите ќе се трошеле за нови тендери на власта.