Македонија
26. February 2026 - 16:44

Вајц: Македонија да го искористи позитивниот момент за проширување на ЕУ, итно се потребни уставни измени

Македонските власти да го искористат позитивниот момент во ЕУ за проширувањето, повика известувачот Вајц.

Презентирајќи го извештајот за напредокот на Македонија пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Вајц повика на итна политичка волја за да се реши застојот со уставните измени. Реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата се недоволни, но тоа според Вајц е резултат на изборите минатата година. 

Наместо да бара начин како да ги заобиколи преземените обврски, Македонија треба итно да ги спроведе уставните измени, беше ставот на бугарските европратеници, кои потенцираат дека членство во ЕУ без право на глас, не е можно. Местото на Македонија е во Унијата, но не по секоја цена.

Уставните измени се дел од преговарачката рамка за Македонија, порачаа и останатите европратеници, кои сметаат дека сепак дел од вината за деценискиот застој во македонската евроинтеграција има и самата Унија. Очекуваат значителен напредок во реформите до крајот на оваа година.

Документот до април ќе биде разгледан од сите политички групи, по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.

Од 2022-та ова е втор Извештај на Вајц за напредокот на Македонија. Претходниот извештај Европскиот парламент го усвои без македонски јазик и идентитет, по реакциите од Бугарија.