Loading Video...
Фудбал
26. September 2018 - 18:21

Вардар нов лидер по киксот на водечките екипи

Фудбалерите на Вардар го запоседнаа врвот на табелата во Првата македонска фудбалска лига откако во неизвесен дуел го совладаа Силекс минимално со 1-0. По неколку неискористени шанси на двете страни кон средината на вториот дел Бразилецот Виктор Нилдо Јуфо со прецизен удар го постигна единствениот погодок за победа на црвено-црните.

Големо изненадување приреди прилепска победа на гостувањето во Тетово каде славеше со 2-0 против шампионот Шкендија со головите на Нвабуезе и Танушев постигнати во второто полувреме.

За второто големо изненадување се погрижија фудбалерите на Ренова кои го симнаа лидерот  Академија Пандев од врвот со победата од 2-0 на теренот на фаворитот и тоа со двата гола на извонредниот Влатко Стојановски во 14-тата и 70-тата минута за прв пораз на фаворитот во новата сезона.

Прва домашна победа за Беласица и тоа од 1-0 во дуелот со Шкупи. Радоста за домаќините дојде  со погодокот на искусниот Балдовалиев.  

Убедлива победа во градското дерби за Македонија ЃП која го торпедираше Работнички со 3-0.  Резултатот го отвори Стојчевски   а  во листата на стрелците се запишаа и искусните  Кировски и Божиновски  како потврда на првата прволигашка победа за лавовите.