„Вардариште“ под лупа на обвинителството, кривични пријави за 3 лица
Полицијата вчера привела 3 лица во акцијата на Вардариште за кои ќе бидат поднесени кривични пријави. Случајот го води обвинителството па од државниот инспекторат велат записниците им се предадени ним за констатираната состојба на терен.
Пронајдено поголемо количество на бакар и бакарни жици на дивата депонија.Неофицијално во вчерашната акција е одземен и ресивер од безбедносни камери преку кои ќе се утврдува одговорност за предизвиканиот пожар како и за нелегалното одлагање на отпадот. На локацијата е констатирано поголемо количество на отпад кој незаконски се одлага и пали.
И по акцијата, палењето продолжи а граѓаните реагираа дека повторно се гушат во чад утрово. Од вчера жителите од Аеродром најавија секојдневно дека ќе протестираат против екоцидот кој го трпат со години.
Од 18 до 19 часот ќе ја блокираат крстосницата кај булеварот Србија. Стоп против екоцидот во нашиот крај! Бараме итно делување се вели во повикот за протест.
О2 Иницијатива бараат од кандидатите за градоначалници да се заземат за итно решавање на проблемот со Вардариште со конкретни чекори. Итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште а додека тоа се реализира, да се запечати, осветли и да се постави чуварска служба на локацијата, ова се дел од барањата на граѓанската иницијатива.
Кандидатите за градоначалници на Скопје со меѓусебни обвинувања за проблемот со дивата депонија. Уште пред почеток на кампањата излегуваат со решенија и планови за Вардариште.
„Ќе изградиме современа претоварна станица и целосно ќе ја санираме контаминираната локација. Ќе воспоставиме систем за управување со отпад – од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција. Ќе ја обновиме механизацијата и ќе воведеме постојан мониторинг според највисоки еколошки стандарди„се друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ“
Од власта и возвратија да не манипулира и да не се грижи бидејќи проблемот ќе го реши идниот градоначалник на Скопје од ВМРО ДПМНЕ.
„Шукова која до вчера беше министерка за животна средина не успеа да најде решение за Вардариште за денес да глуми загриженост. Шукова ќе остане запаметена по скандалозниот предлог за увоз на отпад од цела Европа. Шукова да не се грижи, за Вардариште ќе има решение од идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. ВМРО-ДПМНЕ има план за систематско решавање на урбаниот хаос, трајни решенија за сообраќајниот метеж и модернизација на јавниот превоз, со цел Скопје конечно да добие функционален и одржлив систем, се вели меѓу другото во соопштението.
Актуелната градоначалничка на Скопје вчера вината ја префли на општинските власти од Гази Баба. Арсовска тврди дека она што било во нејзина надлежност го завршила, останатото било обврска на општината на чија територија се наоѓа дивата депонија.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар